• петок, 05 декември 2025

Антонио Кошта во посета Фиренца  

Антонио Кошта во посета Фиренца  

Брисел, 7 мај 2025 (МИА) - Во рамки на активностите за промоција на посветеноста на ЕУ на зајакнување на европската одбрана, како и на зголемување на конкурентноста на блокот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта денеска ќе престојува во италијанскиот град Фиренца. 

- Зајакнувањето на европската одбрана и поттикнувањето на иновациите во клучните индустрии е од суштинско значење за нашата колективна безбедност и просперитет, изјави Кошта во пресрет на посетата. 

Како што соопшти Европскиот совет, за време на престојот во Фиренца, Кошта ќе посети погон на водечката италијанска мултинационална компанија специјализирана за воздухопловство, одбрана и безбедност „Леонардо“. 

- „Леонардо“ е одличен пример за европска посебност и со нетрпение очекувам од прва рака да ги видам нивните најсовремени технологии кои придонесуваат за тоа Европа да стане побезбедна, поотпорна и поконкурентна на глобалната сцена, порача Кошта. 

Објектот на „Леонардо“ што ќе го посети Кошта е специјализиран за три клучни сектори: Вселената, одбраната и кибер безбедноста. Се очекува Кошта да биде запознаен со напредните технологии на компанијата, а со нејзините претставници да разговара за предизвиците со кои се соочува одбранбениот сектор во Европа и како тој може да придонесе за конкурентноста и реиндустријализацијата на ЕУ. 

Покрај посетата на „Леонардо“, Кошта ќе се обрати и на настанот насловен „Европскиот мир и безбедноста во услови на глобалните превирања“ на Европскиот универзитетски институт (ЕУИ). 

Во обраќањето на собирот, со кој ќе се одбележи 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна во Европа, според најавата, Кошта ќе се фокусира на предизвиците за мирот и безбедноста во Европа во услови на растечка геополитичка неизвесност. сп/ 

Фото: Европски совет

Остани поврзан