• понеделник, 23 декември 2024

Анри ја напушти функцијата селектор на младата фудбалска репрезентација на Франција

Анри ја напушти функцијата селектор на младата фудбалска репрезентација на Франција

Париз, 19 август 2024 (МИА) - Тиери Анри одлучи да се повлече од функцијата селектор на младата фудбалска репрезентација на Франција, откако тимот стигна до олимпиското финале, губејќи од Шпанија, соопшти Француската фудбалска федерација.

Светскиот шампион со Франција од 1998 година беше назначен пред една година со договор до 2025 година, а одлуката за заминување е „поради лични причини“, прецизираат француските медиуми.

И покрај отсуството на голем дел од играчите во тимот и одбивањето на клубовите да пуштат дел од нив, бидејќи Олимписките игри не се дел од календарот на ФИФА, Анри успеа да го квалификува тимот во финалето. Тоа е прво за петлите по 1984 година, кога освоија сребрен медал.

-Би сакал да им се заблагодарам на федерацијата и на претседателот Филип Диало, кои ми ја дадоа оваа неверојатна можност. Освојувањето на сребрен медал на Олимпијадата за мојата земја ќе остане една од најголемите гордости во мојот живот. Неверојатно сум им благодарен на федерацијата, играчите, персоналот и поддржувачите кои ми дозволија да го доживеам ова магично искуство, изјави Анри.

Филип Диало, од своја страна, „му се заблагодари на Тиери Анри за работата што ја направи на чело на младинските и олимписките тимови“.

-Жалиме за оваа одлука на Тиери Анри, кој успеа да ги постигне целите кои му беа поставени со освојување на сребрен медал, 40 години по медалот во Лос Анџелес. Го следев во текот на целата кампања и ја открив неговата голема професионалност, неговата страст и неговата љубов кон синиот дрес, порача претседателот.

Француската федерација мора брзо да најде замена за Анри на чело на младинската селекција која во септември ќе има два квалификациски натпревари за ЕП 2025 против селекциите на Словенија и Босна. дс

Фото: Архива

Тагови

Остани поврзан