• недела, 22 декември 2024

Јовески: Анкетната комисија излегува надвор од своите надлежности, ќе ја наруши предистражната постапка на Обвинителството

Јовески:  Анкетната комисија  излегува надвор од своите надлежности,  ќе ја наруши предистражната постапка на Обвинителството

Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) - Државниот обвинител Љубомир Јовески денеска пред Анкетната комисија за случајот Онкологија изјави дека  работата на ова тело е надвор од надлежностите на собраниските тела и смета дека таа има цел да ја наруши работата на Обвителството. 

-Се повеќе сум уверен дека не се работи за грешка, туку за излегување на надлежностите на собраниските тела со цел да се наруши предистражната постапка која ја води Обвинителството. Апсолутно не е важно кој предложил, а кој прифатил вакво нешто. Јавниот обвинител ниту е експерт, ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот, кој јасно ја дефинира поделбата на законодавна, извршната и на судската власт и ја гарантира самостојноста на јавниот обвинител како надлежен орган за кривичен прогон, рече јавниот обвинител Јовески.

Потенцира дека ваквата расправа е спротивна и на неколку други закони, особено на Законот за кривичната постапка, со кој се штити тајноста на предистражната постапка и доказите обезбедени на законски начин, а спротивна е и на собранискиот Деловник.

-Член 123 од Деловникот за работа на Собранието вели работните тела не може да имаат истражни или други функции. Во вашиот комисиски деловник, пак, во делот на надлежностите сами сте напишале дека анкетната комисија ќе утврдува дали има политичка одговорност во целиот овој случај. Ниту постапувањето на Јавното обвинителство, ниту најголемиот дел од сведоците, кои секојдневно ги повикувате тука, може да биде предмет на политичка одговорност. Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, не е во ваша надлежност, рече Јовески во воведното обраќање пред пратениците.

Тој уверува дека предметот за Онкологија се води темелно и стручно и дека ќе дојде до вистината, без разлика на некои обиди за опструкции. Објасни дека ги следи седниците на Анкетната комисија и се надева дека пратениците кои од говорница рекоа дека имале блиски, кои биле пациенти на Онкологија не го кажале тоа за да докажат колку се засегнати од случајот оти речиси да нема семејство во земјата што не минало низ траумите што ги предизвикува болеста.

-Мојот единствен брат почина на Клиниката за онкологија пред четири години. Во моето најблиско семејно опкружување и сега имам пациент на таа клиника. И ова не го кажувам за да докажувам дека и мене ми е важно да се дојде до вистината, туку затоа што знам дека дури и тој личен факт, кој не треба никого да засега, може да се злоупотреби политички и да фрли сомнеж на непристрасноста на постапката. Никогаш не сум влијаел, нема ниту сега да влијаам на јавните обвинители кои постапуваат. Да бидат сигурни дека апсолутно, како и сите, ми е важно да се дојде до вистината, рече обвинителот Јовески.

Документите и доказите за кои вчера јавно зборуваше лидерот на опозицијата Јовески смета дека треба да бидат доставени во Обвинителството за да не се дозволи да се компромитира постапката за ситни дневнополитички поени.

-Чув дека има нови документи и докази, па ве повикувам да ги доставите во Обвинителството сите докази за кои по собраниски, партиски и други јавни настапи тврдите дека сте ги дознале или ви ги откриле некакви свиркачи. Секој чесен граѓанин треба доказите да не ги чува, да не се фали дека ги поседува, туку веднаш да ги предаде на надлежните органи. И ќе си дозволам само да ви кажам – исказот пред вас и солзите на актуелната директорка многу кажуваат за проблемите со кои се соочува Клиниката, затоа итно како пратеници заложете се да се обезбеди терапија за сите пациенти со оваа тешка болест, рече Јовески.

По неговото обраќање, претседателката на Анкетната комисија Рашела Мизрахи посочи дека „таа е формирана врз основа на членот 76 од Уставот на Република Македонија и членот 118 од Деловникот на Собранието како највисок орган во државата“.

-Улогата на Обвинителството може да ја дискутирате и со нас и со медиумите по прашањата за Беса транс, модуларната болница, која изгоре поради кабел, а на крајот на денот видовте искази на здруженија на граѓани, исто така низ солзи, кои бараат завршница која треба да потекне од вас, рече Мизрахи.

Пратеникот Петар Ристевски од ВМРО-ДПМНЕ праша дали со тоа што не се одредени никакви мерки за чинители во овој случај не се забошотува случајот и се одвлекува вниманието од сведоците и истрагата. Јовески одговори дека поголем дел од овие прашања се интерес на Обвинителството.

-Јас спомнав дека некаде околу 40-тина лица кои имаат сознанија за конкретниот настан дека Обвинителството има сослушано и можевте да извлечете заклучок дека врз основа на сослушувањата на овие лица Обвинтелството обезбедува оптределени докази во врска со настанот. Ние како Обвинтелство не сме надлежни во делот на политичката одговорност, која ја утвдува оваа Комисија, нас како Обвинителство не интересира кривичната одговорност, а додека што содржат овие искази на луѓето кои ние ги имаме сослушано, воопшто не барајте за тоа сега јас да ви зборувам, нема да ги коментирам нивните искази во која насока или кои лица се тие, рече Јовески. 

Пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ постави прашање во врска со шпекулациите во јавноста за трошењето на буџетот на Клиника. Тој упати и апел да се забрза истрагата и да се вклучат повеќе луѓе и енергија, за граѓаните, како што рече, да не ја изгубат цепосно довербата во здравството. Истрагата, вели, тој, да дојде до епилог и одговорноста да има имиња и презимања и ова никогаш да не се повтори.

-Долго време помина, бараме резултат како Собрание, бараме побрза истрага и да не заврши овој предмет како многу други предмети порано. Согласно Уставот основно е правотото на живот, рече Пренџов.

Јовески се согласи дека овој случај треба што побрзо да се заврши, на што, рече, максимално работат обвинителите кои постапуваат по предметот. Во однос на фактите, вели што ги изнел пратеникот дека се шират шпекулации околку набавката на лекови, сетоа тоа, нагласи тој, треба да се утврди низ соодветна документација и од стручни лица.

-Кога станува збор за јавноста ние првпат во историјата на македонското Обвинителство ја имаме вклучено јавноста, односно оштените и засегнатите во овој случај, и тие имаат редовна комуникација со обвинителите кои постатапуваат во овој случај. За да не се повтори ова мислам дека тежишната улога повеќе е на Собранието отколку на Обвинителството. И во мојот говор истакнав обезбедете средтсва, изменете прпописи овој случај никогаш да не се повтори. Многу е тешко јас, вие или кој било, да се најдете во таква ситуација да немате терапија, а имате човек кој се бори за живот, рече државниот обвинител.

Во делот на прашањата за буџетот, тој посочи дека го носи Собранието, но нагласи дека тој не е доволен за многу институции, а тоа се однесува и на Обвинителството.

На прашањето од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Коцевски дали во неговиот мандат предистрага ќе помине во истрага и дали ќе има некаква разрешница, Јовески рече дека е многу неблагодарно е да се предвидуваат одредени дејствија и увери дека Обвинителството ќе утврди кој злоупотребил и какви кривични дела извршил дека ќе има одговорност. 

Јовески рече дека Обвителството доказите ги обезбедува согласно Законот за кривична постапка во строго определена форма и тоа го чини секојдневно. Подвлече дека во овој момент Обвинителството не може да соопштува податоци спрема кои лица и за кои кирвични дела е насочена досегашната постапка. Тој подвлече дека една од основните задачи во рамки на испитувањето на овој случај и врз основа на медицинската документација за определени пациенти е да се утврди начинот на нивното лекување, начинот на давање терапијата и дали е тоа согласно законските прописи.

За тоа, како што праша пратеникот од опозицијата Александар Вељановски, дали имало уништување на докази за прикривање на кривичните дела кои би влијаеле на квалитетот на истрагата  Јовески истакна дека задачата на Анкетната  комисија е утврдување на политичката одговорност, но дека и ден денеска пратениците повеќе се занимаваат со истражниот дел отколку во делот на утврдување на политичката одговорност.

-Доколку Обвинитеството процени дека постои можност за осуетување на доказите ќе преземе соодветни мерки согласно своите законски надлежности. Не може, како што сакате вие да прикажете, овие докази ниту да се фалсификуваат, ниту да исчезнуваат бидејќи денес кога станува збор за материјални докази и да сакате да ги отстраните вие не може да ги отстраните, оти постојат на повеќе места. Од начинот на плаќање, на книжење во едната фирма, во делот на приемот...Станува збор за утврдување факти за кои е потребен интердисциплинарен пристап. Во случајот треба да постапуваат и луѓе кои имаат познавање од фиансиската област, од начинот на обезбдување на метеријалните средства, потоа во делот на лекување, давање терапија итн, рече Јовески.

Пратеникот од СДСМ Ненад Коциќ постави прашање за КАТО системот кој е спомнуван како решение на проблемот, а кој, вели, не бил функционален, па дали Обвинителство размислува да истражи дали со неговата набавка бил злоупотребен државниот буџет и дали ќе има епилог.

-Епилог ќе има и мора да има. Не станува збор за некој небитен настан туку навистина за една сложена состојба, за тешки кривични дела, и Обвинителството мора овој случај да го испита до крај, па доколку се покаже дека КАТО системот влијаел вака или онака во делот на процесот на лекување на болните секако дека ќе биде земен предвид, рече Љубомир Јовески. фф/вг/

.  

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан