• петок, 22 ноември 2024

Анкета: Хрватите се продуктивни помалку од шест часа дневно

Анкета: Хрватите се продуктивни помалку од шест часа дневно

Загреб, 23 јули 2024 (МИА) - Речиси половина од вработените во Хрватска во просек се продуктивни на работа помалку од шест часа на ден, поминуваат 43 минути во дружење со колегите, 29 минути сурфајќи на интернет и 21 минута допишувајќи се со пријателите и семејството, покажува истражувањето на MojPosao.

Анкетата е извршена врз 800 испитаници. Според истражувањето, нешто помалку од половина од испитаниците (47 проценти) признаваат дека се најпродуктивни на работа помалку од шест часа дневно, една третина (37 проценти) рекле дека нивната продуктивност трае шест до осум часа на ден, а само 16 отсто од испитаниците се продуктивни и повеќе од осум часа.

Половина од испитаниците, 51 отсто од нив, се непродуктивни по два или повеќе часа дневно, додека просечното време на „безделништво“ е два и пол часа. Вработените најмногу време во текот на денот поминуваат во дружење со колегите, во просек 43 минути, потоа сурфаат на интернет 29 минути и се допишуваат со пријателите и семејството за што трошат 21 минута. Од друга страна, вработените трошат најмалку време на приватни телефонски разговори, 14 минути, но 15 минути поминуваат и на приватна работа надвор од канцеларија. Интересно е што испитаниците поминуваат само 17 минути од своето време на социјалните мрежи.

Анкетата покажа и дека дружењето со колегите, и покрај популарното мислење, не се случува во кафулињата, барем не во повеќето случаи. Само секој четврти испитаник излегува на кафе со колегите (24 проценти). За разлика од нив, останатите испитаници своето место за дружење го наоѓаат во заедничките простории на компанијата (62 проценти) или во самата канцеларија (50 проценти), а само понекогаш (25 проценти) дружењето станува пауза за продолжен оброк. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан