• петок, 22 ноември 2024

Анкета: Франција, Шпанија и Србија најмногу ја попречуваат европската интеграција на Косово

Анкета: Франција, Шпанија и Србија најмногу ја попречуваат европската интеграција на Косово

Приштина, 17 октомври 2023 (МИА) – Франција, Шпанија и Србија се сметаат за земји кои најмногу го попречуваат Косово на патот кон европската интеграција, покажа истражувањето „Интеграција на Косово во Европската унија: перцепции на граѓаните на Косово“, спроведено од Приштинскиот институт за политички студии (ПИПС) и движењето Зборувај (ФОЉ).

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, според резултатите од истражувањето, кои беа презентирани денеска, Германија се смета за главен поддржувач на Косово на интегративниот пат.

Околу 39 отсто од 1.200-те испитаници - од кои 800 Албанци, 200 Срби и 200 припадници на другите малцинства, во сите 38 општини - рекле дека веруваат оти Косово може да стане членка на ЕУ до 2030 година, додека 31 отсто веруваат дека тоа ќе се случи до 2025 година.

Дури 62 отсто од испитаниците не посетиле ниту една земја од Шенген зоната, додека 38 отсто сметаат дека нормализацијата на односите со Србија би му помогнало на Косово да се интегрира.

Испитаниците го гледаат премиерот Албин Курти како најподготвен и политичар со најголем придонес во однос на интеграцијата на Косово во ЕУ.

Правосудните институции испитаниците ги сметаат за најнеподготвени за интеграција во ЕУ, со 55 отсто, а ги следат политичките партии со 47 отсто.

На прашањето која политичка партија се смета за најподготвена да ги поттикне реформите на Косово кон ЕУ, најголем дел од испитаниците одговориле дека тоа е владејачката партија Самоопределување. Сепак, треба да се има предвид дека околу 46 отсто од испитаниците воопшто не сакале да зборуваат за политички партии. иа/паг/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан