Анкета: Симпатиите на Украинците кон Полјаците брзо исчезнуваат
- Во Украина во последните месеци забрзано се губат симпатиите кон Полјаците, и додека во средината на 2022 година 84 отсто од Украинците имале добро или многу добро мислење за Полјаците, сега само 41 отсто од Украинците имаат такви симпатии, покажа нова анкета за полскиот весник „Жечпосполита“.
Варшава, 16 декември 2024 (МИА) – Во Украина во последните месеци забрзано се губат симпатиите кон Полјаците, и додека во средината на 2022 година 84 отсто од Украинците имале добро или многу добро мислење за Полјаците, сега само 41 отсто од Украинците имаат такви симпатии, покажа нова анкета за полскиот весник „Жечпосполита“.
Истражување на украинската агенција Инфо Сапиенс за полскиот весник покажа дека процентот на неутрални се зголемува, и за разлика од првата година од војната кога кон Полјаците воопшто немало антипатија, сега пет проценти од Украинците мислат лошо за Полјаците.
„Жечпосполита“ за забрзаното исчезнување на симпатиите како виновник ги гледа првенствено протестите на полските земјоделци кои се обидоа да го блокираат увозот и транзитот на поевтините украински житарки и прехранбени производи.
- Не успеваме да му ја претставиме големината на нашата помош на нашиот сосед, а протестите на земјоделците и емоциите што одат со војната имаат големо влијание врз расположението. Од друга страна, Русија ги злоупотребува историските стравови, пишува денеска полскиот весник во текстот под наслов „Крај на медениот месец: Што мислат Ураинците за Полска и Полјаците“.
Полскиот премиер Доналд Туск минатата недела на средба со францускиот претседател Емануел Макрон во Варшава токму по повод најавата на идниот американски претседател Доналд Трамп дека Европа треба да испрати свои мировни трупи во Украина, ги прекина тие шпекулации. Тој тогаш рече дека Полска нема намера да испраќа свои војници во Украина по евентуален прекин на огнот доколку се договори таква мисија.
- Украина и Полска 400 години беа една држава. Испраќањето полски војници би било само муниција за руската пропаганда. Ние сме последните кои треба да испратиме војници во таа земја што беше нападната од Русија, изјави претходно шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски. јт/