• вторник, 14 јануари 2025

Анкета: Речиси половина од Грците сметаат дека Трамп ќе биде личноста на годината

Анкета: Речиси половина од Грците сметаат дека Трамп ќе биде личноста на годината

Атина, 14 јануари 2025 (МИА) – Речиси половина од анкетираните, односно 49,4 отсто смета дека избраниот претседател на САД Доналд Трамп ќе биде личност на годината, а зад него со 12,7 проценти е грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, според резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Opinion Poll“ за телевизијата „Action 24“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатиот период во Грција актуелна тема е изборот на претседател на земјата, во исчекување на одлуката на грчкиот премиер за тоа кој/а ќе биде владин кандидат, а од испитаниците, 76 проценти сметаат дека е потребно да се постигне најголем можен меѓупартиски консензус.

За текот на земјата во 2025 година, речиси шест од десет анкетирани изразуваат песимизам, додека пак во истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Marc“ за телевизијата „Антена“, 38,4 отсто сметаат дека оваа година за Грција ќе биде полоша.

На политичката сцена и во двете анкети, Нова демократија е стабилна на првата позиција, а ПАСОК втора со над десет отсто помалку од владејачката партија.

Во однос на третата позиција, резултатите се различни, според оние на телевизијата „Action 24“, Комунистичката партија и Грчко решение со седум отсто се трета политичка сила во земјата, додека пак според резултатите на „Антена“, СИРИЗА е зад Нова демократија и ПАСОК.

Истражувањето на „Opinion Poll“ за „Action 24“ било спроведено од 8 до 10 јануари со анкетирани 1.003 лица, додека на „Marc“ за „Антена“ од 7 до 10 јануари со вклучени 1.198 граѓани со право на глас. ср/сд/

Остани поврзан