• сабота, 23 ноември 2024

Анкета: Половина од жените научници во светот се жртви на сексуално вознемирување

Анкета: Половина од жените научници во светот се жртви на сексуално вознемирување

Париз, 16 март 2023 (МИА) - Секоја втора жена научник во светот била жртва на сексуално вознемирување на работното место во текот на нејзината кариера, покажуваат резултатите од меѓународната анкета на Ипсос за фондацијата Лореал.

Според истражувањето на околу 5.000 машки и женски научници во 117 земји, 49 отсто од женските научници рекле дека „лично се соочиле со барем една ситуација на сексуално вознемирување во текот на нивната кариера“. Речиси половина од тие вознемирувања беа по појавата на движењето „И јас“ (Me too) во 2017 година. 

За 65 отсто од тие жени, таквите ситуации имаа негативно влијание врз нивните кариери. 

Сепак, само една од пет жртви пријавила кај работодавачот, покажува истражувањето, во кое биле анкетирани жени од областа на науката, технологијата и инженерството, во рамките на 50 јавни и приватни институции. 

Опишани се неколку ситуации. Во 25 проценти од случаите, мажите им се обраќале „несоодветно и постојано“ со прекари. Во 24 проценти од случаите имало наметливи и повторувани прашања за приватниот и сексуалниот живот. Најголем дел од злоупотребите биле на почетокот на нивните кариери, а последицата била негативно влијание врз нивната научна кариера. 

Околу 52 отсто од жртвите рекле дека „избегнуваат одредени членови на персоналот“, а 25 отсто рекле дека се чувствуваат „загрозени на своето работно место“. 

Околу 64 отсто од анкетираните научници (жени и мажи) се пожалиле на недоволна активност во борбата против сексуалното вознемирување на работното место. паг/

 

 

Остани поврзан