Анкета на УНЕСКО: Антисемитизмот е широко распространет во училиштата во ЕУ
- Повеќе од три четвртини од наставниците во училиштата во Европската Унија се соочиле со антисемитизам во училниците, соопшти денеска организација на ОН за образование, наука култура УНЕСКО, од своето седиште во Париз, на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот.
Париз, 27 јануари 2026 (МИА) – Повеќе од три четвртини од наставниците во училиштата во Европската Унија се соочиле со антисемитизам во училниците, соопшти денеска организација на ОН за образование, наука култура УНЕСКО, од своето седиште во Париз, на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот.
- Анкетата исто така покажува алармантно високи нивоа на негирање на Холокаустот и физичко насилство врз учениците Евреи, се вели во извештајот.
Анкетата опфатила 2.030 наставници од 23 земји на ЕУ.
Податоците покажуваат дека 78 проценти од анкетираните наставници се соочиле со најмалку еден антисемитски инцидент меѓу учениците, додека 27 отсто биле сведоци на девет или повеќе такви инциденти.
Меѓу анкетираните наставници, 61 проценти пријавиле дека се соочиле со негирање и искривување на Холокаустот, при што 11 отсто се соочувале со ова често.
Секој десетти наставник пријавил дека барем еднаш бил сведок на физички напади врз ученици Евреи, а 44 проценти се соочиле со ученици кои прават нацистички гестови или цртаат и носат нацистички симболи.
Дури 42 проценти од наставниците пријавиле дека се соочиле со други наставници кои биле антисемити.
- Говорот на омраза, особено антисемитизмот и негирањето на Холокаустот, достигна нивоа што не се видени од Втората светска војна, изјави генералниот директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани.
Тој забележа дека повеќето наставници никогаш не добиле специфична обука за ова, вклучувајќи ги и последиците поврзани со вештачката интелигенција.
УНЕСКО им обезбедува на креаторите на политики уникатни алатки за зајакнување на наставниците во повеќе од 30 земји, рече тој. Од 2023 година, УНЕСКО обучи повеќе од 1.300 едукатори и креатори на политики низ Европа за справување со антисемитизмот. јт/
Фото: УНЕСКО