• вторник, 26 ноември 2024

Анкета на ИКС: Мнозинството анкетирани сметаат дека загадувачите на водите не се казнуваат, за 42 отсто најголеми загадувачи се граѓаните

Анкета на ИКС: Мнозинството анкетирани сметаат дека загадувачите на водите не се казнуваат, за 42 отсто најголеми загадувачи се граѓаните
Скопје, 11 јануари 2021 (МИА) - Најголем загадувач на водите во државата се граѓаните, според 42 отсто од испитаниците во анкетата на Институтот за комуникациски студии, за 33 отсто тоа е преработувачката индустрија, за десет отсто се рударските капацитети, а десет отсто од анкетираните сметаат дека тоа се и граѓаните и индустријата.
Резултатите од анкетата, која на Институтот за комуникациски студии ја спроведе на крајот од минатата година во рамки на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“, покажуваат дека поголем дел од испитанците или 79 отсто сметаат дека загадувачите на водите не се казнуваат и многу висок процент, а 92 отсто сметаат дека е важно да се направи катастар (регистар, датабаза) на корисници и загадувачи на води. Повеќето анкетирани или 62 отсто сметаат дека не се казнуваат ниту оние кои без дозвола или прекумерно ископуваат песок, чакал и камен од речните корита и крајбрежјата.
Околу половина од испитаниците, поточно 45 отсто, изјавиле  дека постапките за издавање дозволи за ископ на песок, чакал и камен не се јавни, а како негативни последици од нелегалното и прекумерното ископување ги наведуваат поплавите (63 отсто), ерозијата на земјиштето (50 отсто) и појавата на подземни води (35 отсто).
Вкупно 72 отсто од испитаниците во анкетата на ИКС сметаат дека не се информирани за инспекциските надзори во животната средина, а 63 отсто дека не се задоволни од работата на инспекциските служби. Во однос на начинот на управување со водата, 64 отсто од анкетираните изјавиле дека не се информирани од јавните институции, а речиси половината или 46 отсто не се задоволни од работата на институциите кои управуваат со водните ресурси.
Според истражувањето 57 отсто од анкетираните изјавиле дека не се информирани за квалитетот на водата во општината во која живеат и висок процент или 94 отсто сметаат дека е важно да се врши постојано следење на површинските и подземните води. И покрај тоа, 60 отсто од анкетираните ја оценуваат водата за пиење во општината во која живеат како квалитетна, а 53 отсто од оние кои живеат во рурални области како квалитетна ја оценуваат и водата за наводнување.
Според најголемиот дел од анкетираните или 89 отсто сметаат дека досега воопшто не биле вклучени во одлуките за управување со водата. Само четири отсто биле вклучени во јавни трибини и исто толку учествувале во работни групи во врска со водните ресурси.
Речиси половина од анкетираните граѓани или 48 отсто се изјасниле дека би користеле онлајн апликација за пријавување на загадување на животна средина. Голем дел од испитаниците, поточно 82 отсто досега се немаат вклучено во некоја иницијатива во врска со квалитетот на водата или против загадување на водотеците и ископот на песок, камен и чакал од водните корита и крајбрежјата. Оние кои се вклучиле во некоја иницијатива, пак, тоа го сториле бидејќи лично забележале проблем  (38 отсто), имало поднесување барање или петиција до јавна институција  (27 отсто) или повик за теренска акција на граѓани  (18 отсто).
Постои голема неинформираност и незадоволство кај граѓаните во земјава во однос на заштитата на водата и инспекцискиот надзор врз искористувањето на природните ресурси, нагласува Институтот во врска со спроведеното истражување.
Анкетата, како што соопшти денеска ИКС, е спроведена од 30 ноември до 6 декември 2020 година на 1.100 испитаници на возраст над 18 години. Целта на анкетата, како што се наведува, беше да се испитаат ставовите на граѓаните за проблемите на кои се фокусира кампањата „Разбистри сè“ - за користењето и заштитата на водата и за ефикасноста на инспекцискиот надзор врз искористувањето со природните ресурси. Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е поддржана од Британската амбасада во Скопје. мд/ац/
   

Остани поврзан