• четврток, 14 ноември 2024

Анкета на Еко-свест: Над 80 проценти од граѓаните немаат пристап до гасоводна мрежа

Анкета на Еко-свест: Над 80 проценти од граѓаните немаат пристап до гасоводна мрежа

Скопје, 9 ноември 2023 (МИА) –  Поголем дел од граѓаните не знаат дека гасот е фосилно гориво и го сметаат за поевтино и почисто споредено со нафтата, јагленот и огревното дрво. Кај една третина постои сомнеж и страв во поглед на безбедноста на користењето, но сепак 75 отсто би се приклучиле веднаш доколку имаат пристап до гасоводна мрежа. Најголема примена на гасот граѓаните гледаат во готвењето и загревањето на домовите, а пристап до овој енергенс имаат само 12 проценти од анкетираните, покажува анкетата на Центарот за истражување и информирање за животната средина, Еко-свест Скопје, во соработка со истражувачката агенција Индаго.

На прашањето дали природниот гас е безбеден за животната средина и луѓето, 64 проценти од испитаниците одговориле позитивно, додека една третина од испитаниците не е уверена во тоа.

Анкетата, како што посочуваат од Еко-свест, открива и голема разлика во пристапот до гасоводната мрежа, што има важни импликации за користењето на природниот гас како извор на енергија.

-Скромни 12 проценти од испитаниците се изјасниле дека имаат пристап до гасот како енергенс во нивната општина или околина, додека 81 отсто ја немаат оваа можност. Иако 75 проценти од испитаниците кои немаат пристап до природниот гас изразиле желба дека веднаш би се приклучиле, анкетата покажува дека само 3 отсто во моментов користат фосилен гас, наведува Еко-свест.

Истражувањето дава податоци и за ставовите околу потенцијалните алтернативни извори на енергија, вклучувајќи ги соларната и ветерната енергија, хидроенергијата, биомасата и иновативните методи кои испитаниците ги сметаат за релевантни. 

Според анкетата, голем број испитаници, 91 процент, изразиле поддршка за соларната енергија, сметајќи ја за еден од најсоодветните алтернативни извори на енергија за целата држава. Ветерната енергија следува со 76 отсто што покажува значителна поддршка на овие два обновливи извора. аа/мч/

Фото: Еко-свест

Остани поврзан