• среда, 24 јули 2024

Андоновска Илијевски: Фестивалот „Музика од Светот“ е бренд на Битола

Андоновска Илијевски: Фестивалот „Музика од Светот“ е бренд на Битола

Битола, 20 ноември 2023 (МИА) - Фестивалот „Музика од Светот“ ненаметливо стана бренд на Битола, но и фестивал кој ја собира публиката од целата држава, истакна Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура, домаќин и организатор на фестивалот.

Во пресрет на 15 фестивалско издание, Андоновска Илијевски посочи дека од 2009 година до денес настапиле Ричард Галијано, Тереза Салгуеро, Наташа Атлас … но и домашните уметници Каролина Гочева, Васил Хаџиманов, Фолтин … и други, а годинава главна атракција се Лајбах.

- Фестивал „Музика од Светот“ веќе е запишан на мапите на светските фестивали, а градот Битола веќе станува атрактивен за уметниците од регионот и пошироко во светот. Фестивалот има сериозен подем и е во нагорна линија, и затоа Битола го прави сериозен уметнички центар во државата. Често ме прашуваат дали Битола може да им парира на културните настани што се случуваат во главниот град и дали Битола испишува дефиниција за децентрализација на култура, а јас нескромно одговорам дека ние битолчани ги пишуваме дефинициите како културата треба да се случува, изјави Андоновска Илијевски.

Фестивалот „Музика од светот“ почнува на 23 ноември, а во рамки на фестивалот на 24 ноември во битолскиот театар ќе биде отворена изложба на грамофонски плочи од колекцијата на Петар Ставрев. мт/ир

Фото: МИА

Остани поврзан