• понеделник, 23 декември 2024

Андоновска: Апел до матичните, суспектен случај на морбили да биде пратен на Инфективна или во ИЈЗ

Андоновска: Апел до матичните, суспектен случај на морбили да биде пратен на Инфективна или во ИЈЗ

Скопје, 6 септември 2024 (МИА) - По вториот случај на мали сипаници оваа година, директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска апелираше матичните лекари штом забележат суспектен случај, да биде препратен или на Инфективната клиника, па оттаму да го препратат кај нив на анализи, или директно да дојде на тестирање во Институтот.

- Нашата обврска и наша работа е по констатирањето на позитивен случај, да дадеме препораки на семејството за изолација. Но, за морбилите нема изолација пропишана со закон и останува на добра волја на семејството дали ќе ги почитува препораките или не. Инаку, се земени и од оние лица кои веќе работеле со него и од медицинските лица направени се анализи и истите се следат, соопшти Андоновска во денешната изјава за медиуми.

Таа повтори дека и во двата случаја годинава, децата не биле вакцинирани со вакцина против мали сипаници.

Во семејството на вториот случај, 12-годишен жител на село Долно Коњаре, општина Петровец, две од пет деца не биле вакцинирани. Родителите одбивале да ги вакцинираат двете деца кои не примиле вакцина за заштита од морбили.

- Тоа што можам да го кажам, е, дека според епидемиолошката анкета што е направена, исказите се дека немало многу контакти, ниту пак детето одело на училиште во населбата Петровец, село Долно Коњари. Според епидемиолошката анкета, родителите кажуваат, а и самото дете, дека изминатите денови, откако се вратило од подрачјето каде престојувало во Србија, не одело на училиште ниту тоа, ниту неговото братче, кое исто така не е вакцинирано и негираат повеќе контакти. Велат дека контактите се во кругот на семејството, рече Андоновска.

Првиот случај, регистриран во јуни, беше жител на струшко село.

Според податоците на ИЈЗ, лани бил пријавен еден случај на мали сипаници. Од 2014 до 2023 година, регистрирани биле вкупно 2.020 заболени. Епидемии биле регистрирани во 2014, 2017, 2018 и во 2019 година. Последната евидентирана епидемија од ова заболување, регистрирана во 2018 година, а завршена во 2019, била со вкупно 1.901 регистрирано лице, во 24 градови низ државата.

Вакцинација против мали сипаници се спроведува континирано и задолжително со две дози на МРП-вакцина. Првата доза се смета за примовакцинација и треба да се даде на првата година од животот на детето. Ревакцината е на шестгодишна возраст. Опфатот со првата доза лани на национално ниво изнесувала 73,4 проценти, а во Скопје - 83,7 отсто. Опфатот се ревакцинација на национално ниво лани била 87,7 проценти, а во Скопје - 85,9 отсто. 

- Имајќи го предвид пријавениот неоптимален опфат со вакцинација (<95%), фактот дека следните месеци претставуваат сезонски врв на вирусот и можноста за импортирање, пријавувањето на нови случаи не е неочекуван настан, потенцираа вчера од ИЈЗ. бд/aa/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан