Ангов: Летово во Дојран се очекуват над 100 илјади ноќевања
- Во завршна фаза се подготовките за годинашната летна сезона во Дорјан и годинава се очекуваат да се реализираат над 100 илјади ноќевања, односно вкупно 200 илјади во текот на целата година, информираше градоначалникот Анго Ангов.
Дојран, 31 мај 2025 (МИА) – Во завршна фаза се подготовките за годинашната летна сезона во Дорјан и годинава се очекуваат да се реализираат над 100 илјади ноќевања, односно вкупно 200 илјади во текот на целата година, информираше градоначалникот Анго Ангов.
Во тек е уредување на крајбрежието, парковите во Стар и Нов Дојран и хорткултурно уредување на површините.
– Дојран е подготвен за почетокот на летната сезона, иако одамна нашиот бисер не е полн со туристи само во текот не летото, туку покрај викенд туристите скоро секојдневно, преку ЈП „Тауријан“, пречекуваме странски и наши гости на кои им нудиме најразлични содржини за да ги запознаат убавините на Дојран и Езерото. Според нашите податоци, бројот на туристите кои доаѓаат на еден или повеќе денови се повеќе се зголемува и тоа ни дава за право да бидеме оптимисти и годинава да очекуваме рекорден број ноќевања, изјави градоначалникот Ангов.
Ангов додава дека зголемениот број на туристи ја зголемува и понудата од сместувачки и угостителкси објекти, а некои од нив, кои повеќе години беа затворени, сега се реновираат и треба да бидат отворени за новата сезона.
Изминатите години зголемен е и бројот на српски туристи, кои на заминување за Грција или враќање оттаму остануваат по неколку денови и го продолжуваат летувањето на брегот на Дојранското Езеро. рт/ра
Фото: Општина Дојран