• четврток, 26 март 2026

Ангелов на средба со заменик-директорот на НАТО-Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи

Ангелов на средба со заменик-директорот на НАТО-Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи

Скопје, 9 мај 2025 (МИА) - Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, и  раководителот на Секторот за управување со квалитет, Урим Вејсели, денеска имале средба со заменик-директорот на НАТО-Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC),  Кетрин Ванхаим, со цел „примање и разгледување на задачите од дополнителна покана за учество на вежбата на НАТО ЕАДРЦЦ годинава во Бугарија“.

-Конкретно, Евроатлантскиот координативен центар за одговор при катастрофи (EADRCC) на НАТО и Генералниот директорат за противпожарна безбедност и цивилна заштита (DG FSCP) на Министерството за внатрешни работи на Бугарија ја организираат 20-тата вежба на НАТО ЕАДРЦЦ за управување со вонредни состојби, именувана „Бугарија 2025“. Реализацијата на вежбата е планирано да биде од 7 до 12 септември годинава, соопшти ЦУК.

Државава во 2021 година беше домаќин на сличната голема меѓународна вежба „Северна Македонија 2021“ во организација на НАТО ЕАДРЦЦ – Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC).

-Тоа беше вежбовна активност од големи размери, настан што инволвираше повеќе од 700 учесници од земјава и странство во којашто, покрај Македонија, учествуваат 27 земји (вкупно 28) и 17 невладини организации од истите земји. Во таа прилика директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, заедно со директорите на вежбата од НАТО одржаа кратки поздравни говори и ги доделија сертификатите на сите земји учеснички, наведува ЦУК.

Според досегашните НАТО искуства, се посочува во соопштението, вежбите на НАТО ЕАДРЦЦ се меѓу најголемите и најсложените мултинационални активности за управување со вонредни состојби во светот.

-Тие играат клучна улога во подготвеноста за катастрофи на сите учесници, од сојузниците и партнерите до меѓународните организации. Како такви, вежбата „Бугарија 2025“ ќе воведе низа дисциплини за да ја изгради отпорноста, интероперабилноста и способностите за одговор на учесниците. Другите цели на вежбата, меѓу другото, вклучуваат подобрување на цивилно-воената соработка во одговорот на кризи и зајакнување на соработката меѓу сојузниците и партнерите. Вежбата, исто така, обезбедува платформа за учесниците да споделуваат знаења и добри практики во одговорот на катастрофи и вонредни состојби. Ваквите вежби се обликувани од учесниците и нивните приоритети, а нивните специфични цели се интегрирани во сценариото на вежбата, информира ЦУК.

Според планирањата, Основен тим за планирање, со експерти од 14 земји собрани од НАТО и земјата домаќин, го развива сценариото за вежбата и тој Основниот тим за планирање, исто така, ќе го води спроведувањето и евалуацијата на вежбата.

-Спроведувањето на вежбата е закажано за терминот од 7 до 12 септември 2025 година, по што ќе следува Конференција за идентификувани лекции на 10 и на 11 февруари 2026 година, соопшти Центарот за управување со кризи. хс/ев/

Фото: Центар за управување со кризи

 

Остани поврзан