• сабота, 22 февруари 2025

Ангеловска-Бежоска – Џанел: Независноста на Народната банка клучна за успешно спроведување на монетарната политика

Ангеловска-Бежоска – Џанел: Независноста на Народната банка клучна за успешно спроведување на монетарната политика

Скопје, 10 февруари 2025 (МИА) - Високото ниво на независност и кредибилитетот во работењето на Народната банка се едни од најважните фактори што придонесоа за успешно остварување на целите и за макроекономската стабилност во изминатите години и покрај неколкуте последователни кризи на светско ниво, беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорката на Кралството Холандија во земјава, Узлем Џанел.

Како што информира Народната банка, Ангеловска-Бежоска нагласила дека монетарната политика е и ќе биде насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок, кон јакнење на капацитетите, како и кон исполнување на стандардите за пристап до европскиот систем на централни банки.

Според амбасадорката, професионалноста, стручноста и посветеноста мора да се на високо ниво кога станува збор за одлуките што ги спроведува Народната банка.

-Обезбедувањето и одржувањето на независноста на Народната банка е од витално значење за да се исполни улогата на централната банка како гарант на макроекономската и финансиската стабилност, што е од особена важност за евоинтеграциските перспективи на земјата, а воедно и еден од основните предуслови за привлекување на странските инвеститори, рече гувернерката.

На средбата станало збор за тековните макроекономски движења во однос на очекувањата на Народната банка според есенските проекции. Притоа, било посочено дека политиките и мерките применети во изминатите неколку години овозможија намалување на инфлацијата на 3,5 отсто минатата година и очекувањата се дека инфлацијата и годинава постепено ќе се стабилизира. Сепак, ризиците постојат и потребно е водење внимателни макроекономски политики.

Било оценето и дека од особено значење е зајакнувањето на натамошната соработка меѓу Народната банка и централната банка на Холандија, како една од најсилните поддржувачи во постојаното унапредување на централнобанкарското работење и силен партнер во спроведувањето голем број проекти кои се од големо значење за зацртаните политики на Народната банка.

-На средбата беше изразена благодарност до Министерството за финансии на Холандија, со чија поддршка заедно со ОЕЦД, Народната банка и домашните финансиски регулатори ја изработија и првата Национална стратегија за финансиска едукација. Овој документ претставува рамка на активностите коишто ги преземаат регулаторите заради подобрување на финансиската писменост на населението, со што се подобрува ефективноста на нивното учество во финансискиот сектор, како и нивната заштита како потрошувачи имајќи на располагање повеќе и подобри информации, информира Народната банка. мч/дма/

фото: Народна банка

Остани поврзан