АНА-МПА: Кочани денеска ги погребува загинатите од трагедијата во ноќниот клуб
- Земја во жалост, бескрајно жалење, измешано со извици на гнев и бес и едно „зошто“ што го придружува секое спомнување на трагедијата. Северна Македонија денеска ги погребува загинатите од пожарот во ноќниот клуб во Кочани, од раните утрински часови во неделата и ова е единствената тема не само во вестите туку и во разговорите меѓу луѓето на улица.

Атина, 20 март 2025
АНА-МПА
Земја во жалост, бескрајно жалење, измешано со извици на гнев и бес и едно „зошто“ што го придружува секое спомнување на трагедијата. Северна Македонија денеска ги погребува загинатите од пожарот во ноќниот клуб во Кочани, што се случи во раните утрински часови во неделата и ова е единствената тема не само во вестите, туку и во разговорите меѓу луѓето на улица.
Штом се премине границата преку преминот Евзони во Северна Македонија, знамињата што се долж трасата се виорат на половина копје, додека некогаш живиот ритам на балканската музика на радиото им отстапи место на тажни звуци, соодветно со атмосферата.
На бензинска пумпа, што е непосредно пред Гевгелија, касиерката се мачи да ги задржи солзите, кога ја прашуваме за насока до Кочани.
„Ги загубивме нашите деца, незамисливо е ова што го живееме“, вели, а вработениот кој штотуку го наполни нашиот резервоар додаде: „Каква трагедија, како војна да имавме“.
Како што се приближуваме до Кочани, полициското присуство се зголемува, давајќи им насоки на оние кои сакаат да се приближат до гробиштата, каде што малку подоцна ќе се одигра завршниот чин на трагедија каква што регионот досега не ја видел, како што кажа за AНА-МПА жител на градот што се наоѓа на околу 100 километри од главниот град Скопје.
„Денес не е време за зборови, време е за молк за нашите мртви деца“, додаде, додека одеше до местото каде што се ископани 24 гробови еден до друг за загинатите. „Погоре се расфрлани уште 7-8 гробови“, ни објасни и нè замоли да бидеме дискретни за болката на роднините, бидејќи има постои непријатност поради некои фотографии кои, како што рече, беа објавени во јавноста во претходните 24 часа. Нешто што го забележавме додека одевме кон посебниот простор за претставници на медиумите, во аголот од гробиштата, кога автомобил, откако ја виде камерата, застана на средина на патот и со силен глас рече: „No photos“.
До свежо ископаните гробови е поставена платформа, додека во еден агол трпеливо чекаат 20-тина работници. Во исто време, екипите на Црвениот крст се во готовност за секој случај, додека новинарите и другите медиумски професионалци од соседните земји ја комплетираат сликата на гробиштата, а полицајците постојано даваат инструкции.
Повеќето од 59-те жртви од трагедијата се од Кочани, каде што денеска напладне ќе се одржи нивниот погреб, во особено тешка атмосфера, којшто ќе биде предводен од архиепископот на Православната црква на Северна Македонија, г.г. Стефан. Погребите на дел од жртвите ќе се извршат претходно во Штип. „Она што е сигурно е дека оваа рана нема наскоро да се затвори. И нема да заборавиме“, рече жител на Кочани, меѓу многуте волонтери на локацијата, облечени во црни маици на кои беше испишано: „Почивај во мир, сакан мој ангелу“. ср/нд/
Фото: МИА