• петок, 22 ноември 2024

Амнести Интернешнл: Русија можеби полека го убива Навални

Амнести Интернешнл: Русија можеби полека го убива Навални
Москва, 7 април 2021 (МИА) – Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е затворен во услови слични на тортура и можно е полека да го убиваат, соопшти денеска организацијата за човекови права Амнести Интернешнл. Организацијата тврди дека Навални, кој минатата година беше отруен со новичок, сега страда од недостиг на сон и оти во затворот нема доктор на кој може да му верува. - Русија, или поточно руските власти, можеби го ставаат Навални во ситуација на бавна смрт и се обидуваат да го прикријат она што навистина му се случува, изјави генералната секретарка на Амнести Интернешнл, Агнес Каламард. - Јасно е дека руските власти ги кршат неговите права. Треба да сториме повеќе. Тие веќе се обидоа да го убијат, сега го затворија и го држат во затворски услови слични на тортура, рече таа. Лидерот на руската опозиција и противник на рускиот претседател Владимир Путин минатата недела почна штрајк со глад, барајќи да добие соодветна медицинска нега за акутни болки во грбот и нозете. Кремљ одби да го коментира здравјето на Навални, велејќи дека тоа е работа на државната затворска служба. Таа служба минатата недела соопшти дека Навални го добива потребното лекување. јт/

Остани поврзан