• недела, 22 декември 2024

Америка: Вето бидејќи во резолуцијата не е наведено правото на Израел на самоодбрана

Америка: Вето бидејќи во резолуцијата не е наведено правото на Израел на самоодбрана

Њујорк, 18 октомври 2023 (МИА) – Амбасадорката на САД во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд денеска објасни дека САД ставиле вето на резолуцијата на Советот за безбедност за ситуацијата на Блискиот Исток, бидејќи во бразилската нацрт-резолуција не се споменува правото на Израел на самоодбрана.

- Како и секоја нација во светот, Израел има инхерентно право на самоодбрана, како што е наведено во член 51 од Повелбата на ОН. По претходните терористички напади на групи како Ал Каеда и Исламска држава, овој Совет го потврди тоа право и овој документ требаше да го потврди истото, изјави Линда Томас-Гринфилд, според веб-страницата на мисијата на САД во ОН.

Амбасадорката на САД во ОН истакна дека Америка е присутна на теренот каде што извршува тешка дипломатска работа.

- И додека ја препознаваме желбата на Бразил со овој текст да направи чекор напред, веруваме дека треба да дозволиме таа дипломатија да се спроведе, особено сега кога генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, американскиот претседател Џозеф Бајден, државниот секретар на САД Ентони Блинкен и регионалните актери се ангажирани во интензивен дијалог за прашањата за кои разговаравме денеска, рече Томас-Гринфилд.

Таа истакна дека патувањето на Бајден на Блискиот Исток јасно го покажува фактот дека САД се активно ангажирани на највисоко ниво.

- Претседателот на Соединетите Американски Држави отпатува за да обезбеди ослободување на заложниците, да го спречи ширењето на конфликтот, да ја нагласи потребата да се заштитат животите на цивилите и да се вклучи во решавањето на хуманитарната криза со која се соочуваат Палестинците во Газа, како и да му покаже на Израелскиот народ дека САД стојат со него во ова тажно време, рече американската амбасадорка во ОН.

Таа додаде дека САД се „згрозени и тажни“ од вчерашната експлозија во болницата Ахли Араб во Газа, изразувајќи жалење за „трагичната загуба на човечки животи“. јт/

Фото: Х

Остани поврзан