Американскиот претседател и британскиот премиер потпишаа нова „Атлантска декларација“ за зајакнување на билатералното економско партнерство
- Американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Риши Сунак денеска потпишаа нова „Атлантска декларација“ за зајакнување на билатералното економско партнерство.
Вашингтон, 8 јуни 2023 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Риши Сунак денеска потпишаа нова „Атлантска декларација“ за зајакнување на билатералното економско партнерство.
Лидерите на двете сојузнички земји се сретнаа во Белата куќа во Вашингтон. Декларацијата што ја потпишаа предвидува зајакнување на соработката меѓу САД и Обединетото Кралство за справување со најголемите економски предизвици.
Според планот, Вашингтон и Лондон ќе ги зајакнат синџирите на снабдување и ќе развијат технологии на иднината, соопшти канцеларијата на Сунак. Соединетите Американски Држави и Велика Британија се договорија и за ново партнерство во областа на користењето на атомската енергија за цивилни цели. Дополнително, секоја од двете земји ќе инвестира во индустријата на другата.
Новото економско партнерство меѓу САД и Обединетото Кралство има за цел да одговори на големите геополитички предизвици на нашето време, пред сè на амбициите на Кина. Посебен акцент е ставен на соработката во одбранбената индустрија и снабдувањето со метали неопходни за енергетската транзиција.
Британскиот премиер соопшти дека тој и американскиот претседател се договориле да работат заедно на безбедноста на вештачката интелигенција.
- Велика Британија со нетрпение очекува да биде домаќин на првиот Светски самит за безбедност на вештачката интелигенција подоцна оваа година за да можеме да ги искористиме извонредните можности на оваа нова технолошка ера и да го сториме тоа со доверба, рече Сунак.
Бајден, од своја страна, јасно стави до знаење дека Украина ќе ги добие „потребните средства“ за својата одбрана „колку што е потребно“. ссм/
фото: ЕПА