Американскиот државен секретар Рубио пристигна во посета на Израел
- Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска пристигна во официјална посета на Израел, само неколку дена по израелскиот ракетен напад во главниот град на Катар, Доха, насочен кон лидерите на Хамас
Тел Авив, 14 септември 2025 (МИА) - Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска пристигна во официјална посета на Израел, само неколку дена по израелскиот ракетен напад во главниот град на Катар, Доха, насочен кон лидерите на Хамас, јави „i24 News“.
Се очекува Рубио да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
– На пат кон Ерусалим сум. Мој приоритет ќе биде враќањето на заложниците, обезбедување начин хуманитарната помош да стигне до цивилите и справување со заканата од Хамас, напиша претходно Рубио на социјалната мрежа „Икс“.
Израел во вторникот нападна станбен комплекс во Доха, каде биле сместени водачи на Хамас. Во нападот загинаа петмина припадници на Хамас и катарски безбедносен офицер.
Катар, заедно со Египет и САД, е посредник во индиректните преговори меѓу Израел и Хамас за договор за размена на заробеници и заложници и за прекин на огнот во Газа. ссм/
фото: принтскрин