• понеделник, 23 декември 2024

Амбер Хард: Кај Џони Деп има нешто многу мрачно

Амбер Хард: Кај Џони Деп има нешто многу мрачно
Лондон, 20 јули 2020 (МИА) - Џони Деп ја удрил Амбер Хард уште пред да стапат во брак, и повеќепати ѝ се заканувал дека ќе ја убие, според нејзиното сведочење во Врховниот суд во Лондон. Таа пред две години го доби случајот против него и доби отштета од седум милиони долари. Новото судење во Лондон е дел од обвинението на Деп против британскиот таблоид „Сан“ за напис од 2018 година. Во друг случај, во САД, Џони Деп (57) ја тужи Хард за 50 милиони долари отштета, за нарушување на угледот. Тој процес се очекува да почне следната година и „ќе биде многу поразличен“, смета Адам Валдман, адвокат на Деп за во САД. Хард денеска пред Судот изјави дека Деп има вештачка харизма и „е многу добар во манипулирањето со луѓето“, нагласувајќи дека тогаш се плашела за својот живот. - Некои инциденти беа толку сериозни што се плашев дека тој ќе ме убие - или намерно или пак, со губење контрола. Наместо себе, тој за сите свои дела ќе ја обвинеше својата самонаречена „трета страна“, која честопати ја нарекуваше „чудовиштето“... Тој зборуваше за тоа како да е друга личност, а не самиот тој што ги прави сите тие работи!, рече Хард во своето сведочење. Таа вели дека нивната врска била доста мрачно искуство. - Кога Џони ќе го сврти вниманието кон себе, со сиот свој интензитет и темнина, тоа за мене беше нешто што не сум искусила никогаш претходно. Кога велам дека е мрачен, мислам - имаше насилен и мрачен начин на зборување: начинот на кој зборуваше за нашата врска - дека е „мртва или жива“ и дека „смртта е единствениот излез од врската“... Тоа беше крајна спротивност на „топол сјај“ што многумина го гледаат, додаде Хард. Таа, исто така, рече дека мислела дека може да го „поправи Џони“, оти го сакала, и тоа премногу, но тој не се променил, иако тој и другите околу него ѝ ветувале дека ќе се промени и ќе се откаже од зависностите. - Мислам дека останував со него, не само затоа што се надевав дека тој „ќе се исчисти“ (од зависноста) и ќе се промени, туку и заради одговорноста што ја чувствував, кога ми беше кажано дека сум таа што го мотивира и му помага да „се исчисти“, рече таа. Џони Деп и Амбер Хард беа во брак од 2015 до 2017 година.  си/

Остани поврзан