Александар Богоевски за МИА: ЕМОФ е нашата шанса да покажеме дека Македонија е европски партнер од доверба
- Во интервју за МИА, тој истакна дека фестивалот, кој обединува над 4.000 млади спортисти од речиси 50 земји, претставува историска можност за Македонија да се позиционира на европската спортска и културна мапа. Според него, овој настан е и можност за промоција на земјата, како и платформа за младите да стекнат искуства, вештини и самодоверба што ќе ги понесат со себе и по завршувањето на игрите.
Скопје, 20 јули 2025 (МИА)
Ангела РАЈЧЕВСКА
„Европскиот Младински Олимписки Фестивал (ЕМОФ) не е само настан – тој е симбол на нашата визија дека Македонија може да организира и да биде европски партнер од доверба“, вели Александар Богоевски, извршен директор на ЕМОФ Скопје 2025.
Во интервју за МИА, тој истакна дека фестивалот, кој обединува над 4.000 млади спортисти од речиси 50 земји, претставува историска можност за Македонија да се позиционира на европската спортска и културна мапа. Според него, овој настан е и можност за промоција на земјата, како и платформа за младите да стекнат искуства, вештини и самодоверба што ќе ги понесат со себе и по завршувањето на игрите.
Натпреварите во атлетика, пливање, кошарка, баскет 3x3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо ќе се одвиваат во спортски објекти во Скопје и Куманово, додека гимнастиката ќе се одржи во Осиек, Хрватска, како симбол на регионална соработка. Покрај спортските активности, фестивалот нуди и богата културна и едукативна програма, церемонии на отворање и затворање, како и бројни активности за младите учесници и публиката.
Оваа година, Македонија ќе настапи на ЕМОФ Скопје 2025 со рекорден број од 203 учесници, од кои 181 се млади спортисти кои ќе учествуваат во сите игри, придружени од нивните тренери, официјални лица и медицински тим.

Како се подготвивте за организација на ваков обемен и меѓународен проект?
Организацијата на ЕМОФ Скопје 2025 е досега најсложениот проект од ваков тип во независна Македонија. Тоа е настан што обединува илјадници луѓе – спортисти, тренери, судии, новинари, волонтери, логистички тимови, безбедносни служби, здравствени работници – и сето тоа мора да функционира синхронизирано, без застој. Подготовките започнаа одамна, со формирање на организациска структура, разработка на оперативен план, распределба на одговорности и редовна комуникација со Европските олимписки комитети. Паралелно, вложивме многу и во инфраструктурата: реновирани и адаптирани се бројни спортски сали, базени, терени, како и сместувачки капацитети и транспортни рути. Но, најважен капитал во оваа приказна се луѓето. Создадовме тим од посветени професионалци и млади ентузијасти кои со огромна енергија и посветеност работат секој ден. Овој фестивал за нас не е само настан - тој е симбол на нашата визија дека Македонија може да организира и да биде европски партнер од доверба.
Што значи ЕМОФ за Македонија – не само како спортски настан, туку и како можност за културна, економска и меѓународна промоција?
ЕМОФ претставува многу повеќе за Македонија од само седум дена спорт. Тоа е национален проект што го мобилизира целото општество и дава сериозен придонес во културната, економската и дипломатската промоција на земјата. Илјадници гости ќе пристигнат во Скопје и Куманово – спортисти, нивни семејства, новинари, претставници на федерации и институции – и сите тие ќе ја искусат Македонија одблиску: нејзината традиција, храната, музиката, природата, гостопримството. Покрај тоа, голем дел од нив ќе го понесат ова искуство со себе и ќе бидат амбасадори на нашата земја. Од економска перспектива, фестивалот веќе дава ефекти – преку инвестиции во спортски и урбани капацитети, преку ангажман на локални фирми, угостители, транспортни компании. Но, уште побитно, ова е момент каде што Македонија испраќа сигнал дека е подготвена да биде домаќин на европските вредности - отвореност, еднакви можности, соработка. Тоа е наш влог во иднината, со конкретен ефект уште денес.

Како се вклучени младите и волонтерите во организацијата и реализацијата на ЕМОФ, и какво наследство очекувате да остави овој настан за нив?
Младите се во срцето на Европскиот Младински Олимписки Фестивал. Самата природа на фестивалот – наменет за спортисти од 14 до 18 години – диктира да биде младински и според духот, и според структурата. Повеќе од 800 волонтери, претежно млади луѓе од Македонија, се активен дел од организацискиот тим. Тие поминуваат низ сериозни обуки, се распоредуваат во различни функционални сектори - од прием на делегации и работа на инфо-пултови, до теренска логистика, медиумска поддршка и церемонии. Нивниот придонес е огромен, а нивното искуство – непроценливо. Тоа не се само неколку дена волонтирање, туку процес на раст, учење и поврзување. Преку ЕМОФ, тие стекнуваат меѓународна перспектива, комуникациски и организациски вештини, како и многу нови контакти. Нашата цел е овие млади луѓе да останат активни и после фестивалот – во спортот, во културата, во граѓанскиот сектор – и да ја градат Македонија како отворено и современо општество.
Кои се вашите очекувања од ЕМОФ Скопје 2025 - како во однос на спортските резултати, така и во однос на долгорочните придобивки за македонскиот спорт и младите генерации?
Очекуваме ЕМОФ Скопје 2025 да биде настан што ќе го паметиме сите - не само по бројот на медали или учесници, туку по атмосферата, по духот на заедништво, по енергијата што ќе ја донесе со себе. Од спортски аспект, ќе имаме речиси 200 домашни спортисти што ќе се натпреваруваат во сите спортови, што е рекорд, и тоа само по себе претставува успех. Но, уште поважно е што ќе им дадеме можност да се натпреваруваат дома, пред својата публика, и да стекнат самодоверба за следните чекори во своите кариери. Долгорочно, очекуваме ЕМОФ да го засили интересот за спорт кај младите, да ја подобри инфраструктурата, да ги поттикне институциите на постојана соработка, и да ја позиционира Македонија како сериозен партнер за спортски и младински настани. Сакаме да создадеме традиција - не само на организација, туку и на амбиција, мотивација и верба дека можеме да бидеме дел од европското семејство, со сопствена приказна, своја енергија и препознатлив стил.
Свеченото отворање на Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025 ќе се одржи вечерва со почеток во 20:30 часот, во Спортскиот центар „Јане Сандански“. Церемонијата ќе вклучи парада на делегациите, обраќања од високи претставници, вклучувајќи го претседателот на Европскиот oлимписки комитет, Спирос Капралос, и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како и сценско-музички перформанс со настапи на познати македонски уметници.
Централно место ќе има изведбата на официјалната химна „Together We Shine“.ар/паг/
Фото: ЕМОФ