• петок, 22 ноември 2024

Алварез е новата „деветка“ на Атлетико Мадрид

Алварез е новата „деветка“ на Атлетико Мадрид

Мадрид, 8 август 2024 (МИА) - Доаѓањето на Килијан Мбапе во Реал Мадрид е сигурно топ трансфер ова лето, а на втората позиција е Атлетико Мадрид, кој на магичен начин успеа да го реализира трансферот на Хулијан Алварез од Манчестер Сити, пишува „Марка“ и носи детали.

Аргентинската врска помеѓу Чоло Симеоне и Алварез проработила, клубот и играчот одиграа добра партија шах со Пеп Гвардиола и беше постигнат договор меѓу двата клуба за трансфер вреден 70 милиони евра (плус 20 потенцијално преку бонуси). И така „јорганџиите“ успеаја да се „покријат“ со еден од најнадарените напаѓачи, иако пред само седум дена се чинеше дека тешко ќе најдат класа напаѓачи по заминувањето на Алваро Мората и Мемфис Депај. Прво го доведоа Серлот од Виљареал, а потоа Алварез.

Она што изгледаше како утопија, бидејќи за само три или четири години од неговата професионална кариера, Алварез стана играч кој го освои секој можен трофеј на клупско ниво (Бока Јуниорс, Манчестер Сити) и со аргентинската репрезентација (две Копа Америка и Светско првенство), денес е трансфер бомба. Но како тоа се случи?

Прво, Алварез стана незадоволен од неговиот статус како 12-ти човек на Сити. Атлетико ја одигра таа карта нудејќи му ја улогата на прва ѕвезда, која со сигурност и ќе стане. Потоа, на Олимписките игри во Париз, најмладиот син на Диего, Џулијано дополнително го убедил Алварез дека Атлетико е вистинскиот избор. Покрај тоа, Хулијан ги искористи и медиумите за да му даде до знаење на Пеп Гвардиола дека е незадоволен од својот статус во Сити.

Следеше контакт помеѓу Симеоне и Гвардиола, а со оглед на тоа дека Шпанецот не сака незадоволни луѓе во клубот, таму почнаа преговори кои синоќа во Хонг Конг завршија со позитивен исход за аргентинскиот напаѓач, Атлетико, а веројатно и Сити.

Со доаѓањето на Робин Ле Норман (Сосиедад, 34,5 милиони евра), Александер Серлот (Виљареал, 32 милиони евра) и Јулијан Алварез (Сити, 70 милиони евра), Атлетико сериозно го засили тимот. И тоа не е крајот на реновирањето на „црвено-белите“ од стадионот „Ванда Метрополитано“.

Следува официјалниот дел, пристигнување во Мадрид, потпишување договор, промоција... дс

Фото: Архива

Остани поврзан