• понеделник, 23 декември 2024

Албанските медиуми за случувањата во С Македонија

Албанските медиуми за случувањата во С Македонија
Тирана, 12 ноември 2021 (МИА) - Во Албанските медиуми последните случувања во Северна Македонија, останаа во сенка на проблемите на албанската политичка сцена, недоразбирањата меѓу владејачките социјалисти и опозициските демократи и расколот во редовите на демократите, јавува дописникот на МИА. За разлика од претходно, не сите медиуми во оваа земја, пренесуваат информации околу неуспешната иницијатива за разрешување на владата. -Пропадна првиот обид на македонската опозиција да го собори премиерот Зоран Заев и неговата влада. Опозицијата тврди дека киднапирањето на еден од пратениците го оневозможил потребниот кворум, наведува Ора њуз, пренесувајќи делови од изјавите на опозицијата. Агенцијата Балкан веб информира дека „Владата на Северна Македонија ќе продолжи со својата работа, бидејќи опозицијата не успеа да обезбеди потребен број гласови за гласање недоверба“. Њуз 24 пренесува информација, во која во куси црти се пресликува вчерашниот ден во македонскиот законодавен дом, цитирајќи и дел од изјавите и на претставниците на владејачкото мнозинство и на опозицијата. И други медиуми пренесуваат речиси идентични информации а дел од нив во исто време додаваат дека сега опозицијата и доколку обезбеди парламентарно мнозинство, во рок од 90 дена нема право да бара седница за недоверба на владата. -Во меѓувреме, премиерот Заев, заедно со партијата Демократска унија за интеграција на Али Ахмети, ја продолжува мисијата што ја започна во 2017 година и повторно доби мандат од граѓаните во јуни 2020 година, констатираат медиумите. вт/аа/

Остани поврзан