Албанскиот амбасадор Меидани во посета на Дебар
- Албанскиот амбасадор Денион Меидани денеска ја посети општината Дебар, каде се сретна со градоначалникот Хекуран Дука.
Дебар, 17 септември 2025 (МИА) - Албанскиот амбасадор Денион Меидани денеска ја посети општината Дебар, каде се сретна со градоначалникот Хекуран Дука.
„Беше особено задоволство и чест што ја имав таа привилегија и среќа да се сретнам и да соработувам со неговата екселенција, амбасадорот на Република Албанија во Република Македонија, Денион Мејдани“, напиша Дука на својата официјална Фејсбук страна.
Додава дека со голема одговорност и посветеност, амбасадорот ја извршува својата дипломатска мисија, давајќи вреден придонес во зајакнувањето на односите меѓу нашите две земји.
„Нашите средби беа плодни и инспиративни, затоа изразувам благодарност и почит кон неговата работа и визија. Амбасадорот Мајдани го претвори Дебар во центар што го посетуваат многу други амбасадори и ова несомнено ќе им донесе придобивки на општината и нејзините жители, посочува Дука.
Изразува благодарност и од име на жителите на општината, во која по негова иницијатива во неколку наврати престојуваа групи амбасадори од повеќе држави.
Дел од нив беа и во посета на познатиот Бигорски манастир, каде се запознаа со неговата илјада годишна историја и мисија, Градскиот музеј и Инќар џамијата, која е изградена во 1467 година. вт/рп/
Фото: ФБ на Хекуран Дука