• понеделник, 15 јули 2024

Албанскиот амбасадор Меидани во посета на Дебар

Албанскиот амбасадор Меидани во посета на Дебар

Дебар, 15 јули 2024 (МИА) – Амбасадорот на Република Албанија во нашата земја, Денион Меидани, денеска беше во посета на Дебар, при што најпрво имаше средба со градоначалникот Хекуран  Дука и неговите соработници.
 
По средбата Дука искажа задоволство од, како што рече, срдечната и братска средба, со амбасадорот, кому ова му е прва посета на овој град, по неодамнешното доаѓање во Амбасадата во Скопје.

- Разговаравме за повеќе прашања од обостран интерес, како погранична општина, а го запознавме и со одредени проблеми со кои се соочуваме како општина, а кои се однесуваат и на општините од другата страна на границата. Ние сме блиски подрачја, па соработката е неопходна. Главен акцент ставивме на потребата граничниот премин „Блато“ да почне да функционира со заедничка контрола, како што тоа функционира, на пример, на преминот Ќафасан. Тоа ќе овозможи што подобра либерализација на идеи, стока и што послободно движење на граѓаните, рече меѓу другото Дука.

На средбата станало збор и за аплицирање со заеднички проекти за средства од ЕУ, чија цел би била подобрување на благосостојбата на жителите, како и отворање откупен центар за земјоделски производи.

- Голема благодарност за повеќе од пријателската средба, која беше многу интересна. Се запознав со многу нешта од интерес на поширокиот регион од двете страни на границата, а разменивме мислења и околу перспективата за унапредување на соработката. Посветен сум да ја продолжиме досегашната одлична соработка, на сите нивоа. Од големо значење е да имаме заеднички развој не само на ова погранично подрачје туку и на двете земји, што е приоритет на двете влади, што го кажуваме во континуитет. Се надевам дека нештата ќе одат онака како што треба, изјави Меидани.

Амбасадорот придружуван од градоначалникот и претседателот на Советот на општината Фуат Спахиу, положи свежо цвеќе на споменикот на Скендербег, а го посети и градскиот етнолошки музеј. вт/цр
 
Фото: МИА
 
 

Остани поврзан