• недела, 22 декември 2024

Албанска опозиција: Изградбата на прифатни центри за имигранти ја загрозува националната безбедност на земјата

Албанска опозиција: Изградбата на прифатни центри за имигранти ја загрозува националната безбедност на земјата

Тирана, 6 ноември 2023 (МИА) - Албанската опозициска Демократска партија остро реагираше по веста дека премиерот Еди Рама се договорол Италија да гради прифатен центар за имигранти во пристанишниот град Шенѓин.

Партиската реакција ја пренесува пратеникот Тритан Шеху, универзитетски професор и поранешен министер, во која се наведува дека „шефот на владата ги брка Албанците за да ја наполни земјата со бегалци".

Исто така се оценува дека одлуката ја загрозува националната безбедност и го зајакнува криминалот.

- Рама ги брка Албанците од нивната држава, а ја полни со имигранти во време кога Европа се наполни со албански имигранти. Ова е целосно неодговорна и опасна одлука за нашата национална безбедност и го зголемува криминалитетот, наведува Шеху.

Во реакцијата уште стои дека врз основа на потпишаниот договор за формирање центри за прифаќање имигранти на територијата на Албанија тие ќе бидат со капацитет до 36 илјади годишно.

- Овој договор ја става на располагање територијата на земјата и пристаништето за пренасочување на бегалците кон Албанија. Албанија е мала земја, дополнително испразнета од овој режим. Земја со висок криминал и корупција и кревка безбедност, се додава во реакцијата.

Демократите оценуваат дека Албанија може да има такви центри само за бегалците кои се или поминуваат низ нејзина територија, а не да стане „депо“ за оние кои немаат врска со албанската територија.

- Рама не може да потпише таков договор, без никаква расправа во нашиот Парламент. Албанија не е негова сопственост, посочуваат опозициските демократи.

Тие констатираат дека „ваквите дејствија, кои се во спротивност со албанските интереси и можности, Рама ги презема само за лични интереси и со цел да го продолжи 'животот' на овој режим“.

- Но, сегашните режими не можат долго да 'преживеат' во оваа земја, порачуваат албанските опозициски демократи. вт/паг/

 

 

 

Остани поврзан