• вторник, 14 мај 2024

Албанија ја поздрави одлуката на Меѓународниот суд за прекин на руската агресија врз Украина

Албанија ја поздрави одлуката на Меѓународниот суд за прекин на руската агресија врз Украина
Тирана, 16 март 2022 (МИА) - Албанскиот премиер Илир Мета и министерката за Европа и надворешни работи Олта Џачка вечерва ја поздравија одлуката на Меѓународниот суд на правдата за запирање на руската агресија врз Украина. Како што јави дописничката на МИА од Тирана, тие ја повторуваат поддршката кон Украина и изразуваат солидарност со украинскиот народ. „Ја поздравувам денешната одлука на Меѓународниот суд на правдата да и наложи на Русија да ја прекине окупацијата на Украина. Истакнувајќи дека нема докази за поддршка на руското оправдување за војната, судот потврдува дека меѓународната заедница едногласно тврди дека оваа агресија е неоправдана и неиспровоцирана. Руската окупација на Украина мора веднаш да престане и руските окупаторски сили да се повлечат од Украина“, напиша Мета во реакцијата. Тој додава дека „Албанија е на страната на пријателска Украина, во поддршка на нејзината херојска борба за одбрана на независноста, територијаниот интегритет и европските вредности“.
„Ја поздравуваме денешната одлука на Меѓународниот суд на правдата за привремените мерки за итно суспендирање на воените операции од страна на Русија или која било организација или личност. Албанија целосно ја поддржува одговорноста за секое злосторство извршено во Украина и ја повикува Русија да ја почитува наредбата на Судот“, пишува Џачка.
Меѓународниот суд на правдата во Хаг денеска и нареди на Москва веднаш да ја запре инвазијата на Украина. вт/паг/

Остани поврзан