• понеделник, 18 ноември 2024

Актуелниот претседател на ПАСОК Андрулакис одново избран за лидер на партијата

Актуелниот претседател на ПАСОК Андрулакис одново избран за лидер на партијата

Атина, 13 октомври 2024 (МИА) – Актуелниот претседател на грчката опозициска ПАСОК Никос Андрулакис со освоени 59,93 отсто од гласовите е победник во вториот круг на денешните избори за партиски лидер, додека неговиот противкандидат, градоначалникот на Атина Харис Дукас доби 40,07 проценти со пребројани 97,2 отсто од гласачките места, јави дописничката на МИА од Атина.

Откако беа соопштени првите официјални резултати и беше јасно водството на Андрулакис, Дукас телефонски разговарал со актуелниот претседател, му честитал и му рекол дека сите заедно одат напред.

На денешните избори гласаа 214.000 членови и поддржувачи на Социјалистичката партија, наспроти 303.223 лица во првиот круг, а изборниот процес беше продолжен за половина час.

Во првиот круг од изборите одржан минатата недела Андрулакис освои 29,64 проценти од гласовите, а Дукас 21,41 отсто.

Претходните избори во ПАСОК, која минатиот месец прослави 50 години постоење, се одржаа во декември 2021 година, а откако актуелниот лидер пред евроизборите како цел постави партијата да биде на втората позиција, цел што не беше постигната и остана зад СИРИЗА, Андрулакис се соочи со силни критики од неговите сопартијци, а од состанокот на централниот комитет на крајот на јуни предложи одржување избори за претседател на партијата.

На парламентарните избори во јуни минатата година, ПАСОК освои 11,84 отсто од гласовите, а на евроизборите пред четири месеци, исто така беше на третата позиција зад СИРИЗА со 12,79 отсто од гласовите. ср/

 

Остани поврзан