Актуелниот претседател на Еквадор, Нобоа води на претседателските избори
- Актуелниот шеф на државата на Еквадор, Даниел Нобоа води по пребројувањето на гласовите на претседателските избори.

Кито, 14 април 2025 (МИА) - Актуелниот шеф на државата на Еквадор, Даниел Нобоа води по пребројувањето на гласовите на претседателските избори.
Со обработени околу половина од протоколите на секциските изборни комисии, Нобоа доби речиси 57 отсто од гласовите, додека поддршката за неговата левичарска ривалка Луиза Гонзалес изнесуваше 43 отсто.
Во Еквадор, каде што гласањето е задолжително, има 13,7 милиони гласачи и сè уште треба да се обработат милиони гласачки ливчиња.
-Благодарам на сите Еквадорци кои храбро излегоа на гласање. Денеска ќе биде одличен ден, напиша Нобоа на социјалните мрежи.
Тој победи во првиот круг на изборите во февруари, но со мала разлика, поради што мораше да оди на вториот круг против Гонзалес, која се бори да стане првата жена претседател на Еквадор.
Изборната кампања беше обележана со гнев против слабата економија и насилство од страна на картелите.
Еквадор некогаш беше една од најбезбедните земји во Латинска Америка, но со текот на годините криминалните банди се зајакнаа. Картелите водат жестока битка за контрола на патиштата за шверц на кокаин кои минуваат низ еквадорските пристаништа. Статистиката покажува дека од почетокот на годинава во земјата имало во просек по едно убиство на час.
Во пресрет на гласањето, Нобоа прогласи 60-дневна вонредна состојба во главниот град Кито и неколку провинции. мс/
фото: ЕПА