• среда, 08 октомври 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Академијата за млади таленти на „Банско џез фестивал“ веќе го носи името на Милчо Левиев

Академијата за млади таленти на „Банско џез фестивал“ веќе го носи името на Милчо Левиев

Софија, 2 август 2025 (МИА/БТА) – Од оваа година, џез академијата за млади таленти, која се одржува во рамките на „Банско џез фестивал“, го носи името на бугарскиот музичар, композитор, аранжер и пијанист Милчо Левиев. Ова го објави Илијана Штерева, претседателка на Управниот одбор на Асоцијацијата „Фестивалите во Бугарија“, при отворањето на овогодишната академија.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Сцената на младите таленти стана традиција во последните пет години, рече Штерева, истакнувајќи дека сцената се етаблирала како формат кој им дава можност на младите да се обучуваат со ментори од земјата и странство. Илијана Штерева објави дека е најприродно академијата да го носи името на Милчо Левиев, „за да им го дадеме овој пат на младите“.

Милчо Левиев е човекот кој ја прошири славата на бугарскиот џез низ светот, а нашата порака е младите таленти од џез академијата да имаат можност да го следат тој пат, истакна Штерева.

Односот на Милчо кон младите луѓе беше исклучителен. Кога пристигнуваше во Бугарија, неговото прво прашање беше: „Што ново се случува? Каде се младите луѓе?“, рече од сцената на Џез академијата партнерката на Милчо Левиев, Вики Алмазиду. Таа потсети дека Милчо Левиев 25 години одржувал мастер-класови на Нов бугарски универзитет, што ги опфаќа последните 2-3 генерации бугарски музичари.

Вики Алмазиду им посака многу успех на младите, но и труд и дисциплина. „Милчо беше исклучително дисциплиниран во музиката“, им рече таа на младите и раскажа дека секој ден тој вежбал по два часа, а потоа свирел уште неколку часа – една самодисциплина на многу високо ниво, која им ја посака на младите кои тргнале по патот на џезот.

„Џез академијата се изгради како уникатна образовна платформа според својот модел, бидејќи во себе истовремено комбинира обука, сценска пракса и творештво“, рече при отворањето на академијата Марина Василева, извршен директор на здружението „Брас Асоцијација“. Младите кои се избрани и учествуваат веќе неколку години во академијата, се наоѓаат во реална професионална средина и се соочуваат со својата идна професија низ сите нејзини димензии, истакна таа. „Искрено се надевам дека младите луѓе ќе бидат достојни следбеници на Милчо Левиев, на наследството, мисијата, каузата, идеологијата која ни ја остави“, додаде Василева.

„Банско џез фестивал“ продолжува со низа дневни настани и со концерти на Големата сцена. Вечерва ќе биде отворен новиот проект на фестивалот „Светска сцена“ во паркот во Банско. На големата сцена на плоштадот „Никола Вапцаров“ вечерва ќе свират The Oldie Goldies и Gabriel Palatchi Trio.

_______________________________________________________________________________________________________________________________

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Остани поврзан