• недела, 22 декември 2024

АИ: Жал ни е, но стоиме на изјавата дека Украина ги загрозува цивилите

АИ: Жал ни е, но стоиме на изјавата дека Украина ги загрозува цивилите
Лондон, 8 август 2022 (МИА) – Организацијата за човекови права „Амнести интернешнл“ (Amnesty International) соопшти дека „длабоко жали поради болката и бесот“ предизвикан од нејзиниот минатонеделен извештај, но оти во целост стои зад своите наоди. АИ на 4 август соопшти дека украинските сили го кршат меѓународното право и ги загрозуваат цивилите со тоа што поставуваат бази во станбени области, вклучително училишта и болници. -Тактиката на украинските бранители на никаков начин не ги оправдува неселективните напади на Русија, со фактот дека некои руски воени злосторства, вклучително и оние во Харков, не се поврзани со овие тактики, се наведува во извештајот на АИ. Организацијата за човекови права со седиште во Лондон, наведе дека снимила инциденти во кои украинските сили ги изложија на опасност цивилите во 19 градови и села во регионите Харков, Донбас и Миколаев. - Документиравме шема во која украинските сили ги ставаат цивилите во ризик и ги прекршуваат законите на војната оперирајќи во населени области. Дејствувањето во одбранбена позиција не ја ослободува украинската војска од почитување на меѓународното хуманитарно право, изјави генералната секретарка на АИ, Агнес Каламар. АИ тврди дека процената ја направиле врз основа на правилата на Меѓународното хуманитарно право. - Ова не значи дека ги сметаме украинските сили одговорни за прекршувањата на руската војска, ниту дека украинските сили не преземаат соодветни мерки на претпазливост во другите области на земјата, се наведува во соопштението на АИ. По минатонеделното објавување на извештајот, директорката на украинската Канцеларија на АИ, Оксана Покалчук поднесе оставка, притоа ја обвини Организацијата дека спроведува пропагандата на Кремљ. - Доколку не живеете во земја, што е нападната од окупатори, кои сакаат да ја растурат, веројатно не разбирате како е да ја обвинувате армијата на бранителите, посочи минатата недела Покалчук. На извештајот на АИ реагираше и украинскиот претседател Володимир Зеленски наведувајќи оти АИ се обидува да амнестира терористичка држава, алудирајќи на Русија. Според Зеленски АИ „ја префрла одговорноста од агресорот на жртвата“. Агресијата врз нашата земја е неоправдана, инвазивна и терористичка. Ако некој напише извештај во кој некако се изедначуваат жртвата и агресорот, ако се анализираат некои податоци за жртвата, а се игнорираат постапките на сторителите, тоа е неоправдано и не може да се толерира, посочи минатата недела Зеленски. ми/

Остани поврзан