• петок, 22 ноември 2024

Австрискиот весник „Винер Цајтунг“, со 320-годишна традиција, престанува со печатење

Австрискиот весник „Винер Цајтунг“,  со 320-годишна традиција, престанува со печатење

Виена, 28 април 2023 (МИА) - Австрискиот парламент одлучи да го прекине печатењето на „Винер цајтунг“, еден од најстарите дневни весници во светот, што во иднина ќе се чита само во дигитална форма.

Дневниот весник, со 320-годишна традиција, отсега да се печати само како месечник одлучи конзервативно-зелената коалиција, и покрај острите критики од уметниците и опозициските партии.

Дневниот весник е основан во 1703 година, тогаш под името Wienerisches Diarium (Виенски дневник) и бил службен весник на Хабсбуршката монархија.

Во 2021 година, владејачката коалиција одлучи весникот, во сопственост на австриската Влада, да престане да објавува огласи на компании, што беше главниот извор на неговото финансирање.

-Весникот има повеќе читатели над 90-годипна возраст, отколку под 30, изјави министерката за семејство и медиуми, Сузане Рааб, од конзервативната Австриска народна партија (ÖVP).

Австриската писателка и добитничка на Нобеловата награда Елфриде Јелинек и уметникот Андре Хелер се дел од истакнатите поединци кои се обидуваа да го зачуваат печатеното издание.

Опозициските претставници ја критикуваа одлуката бидејќи сметаат дека со неа се осиромашува медиумскиот простор.

-Тоа е удар за медиумската политика и култура, кажа заменик-претседателот на Социјалдемократската партија (СПО) Јерг Лајхтфрид. сд/

Остани поврзан