Австралија го критикуваше Израел за укинувањето на издавање визи за нејзините дипломати
- Министерството за надворешни работи на Австралија денеска ја критикуваше одлуката на израелските власти за укинување на визите за австралиските дипломати, оценувајќи ја како „неоправдана реакција“ на одлуката на Австралија да ја признае палестинската држава.
Сиднеј, 19 август 2025 (МИА) – Министерството за надворешни работи на Австралија денеска ја критикуваше одлуката на израелските власти за укинување на издавање визит за австралиските дипломати, оценувајќи ја како „неоправдана реакција“ на одлуката на Австралија да ја признае палестинската држава.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар изјави дека мерката следува по „неоправданото одбивање“ на Австралија да издаде визи за израелски личности. Сар го спомна случајот со пратеникот од крајната десница Симха Ротман, кој требало да одржи предавања во Австралија, но неговата виза била поништена во понеделникот. Австралиските власти сметаат дека овој пратеник „шири пораки на омраза и поделба“.
Израелскиот министер, исто така, ѝ наложи на амбасадата во Канбера внимателно да ги разгледува сите официјални барања за визи од Австралија за влез во Израел. Засега не е познато колку австралиски дипломати се погодени од оваа мерка.
Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг оцени дека одлуката на Израел е неоправдана. - Во време кога дијалогот и дипломатијата се попотребни од кога било, владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху го изолира Израел и ги поткопува меѓународните напори за мир и решение за две држави, изјави таа.
Израел го окупира Западниот Брег од 1967 година, палестинска територија на која се наоѓа Палестинската самоуправа предводена од Махмуд Абас. Следејќи го примерот на земји како Франција и Канада, Австралија минатата недела објави дека планира да ја признае палестинската држава на Генералното собрание на ОН во септември. Овие земји го поддржуваат решението за две држави за повеќедеценискиот израелско-палестински конфликт и го повикуваат Израел да ја запре својата разорна офанзива во Појасот Газа, започната како одговор на нападот на палестинското исламистичко движење Хамас на израелска територија на 7 октомври 2023 година.
Израел, кој исто така го окупира Источен Ерусалим од 1967 година, отфрла можност за создавање на палестинска држава и наведува дека планира да ја продолжи војната за да го елиминира Хамас и да воспостави безбедносна контрола врз Појасот Газа. ссм/
фото: архива