• петок, 05 декември 2025

Австралиските партиски лидери ја прекинаа кампањата по смртта на папата Франциск

Австралиските партиски лидери ја прекинаа кампањата по смртта на папата Франциск

Сиднеј, 22 април 2025 (МИА) – Големите политички партии во Австралија денеска ја прекинаа кампањата по смртта на папата Франциск, при што лидерите му оддадоа почит на покојниот папа на отворањето на предвременото гласање на федералните избори закажани за 3 мај.

Премиерот Ентони Албанезе присуствуваше на утринската миса во катедралата Свети Патрик во Мелбурн, додека лидерот на опозицијата Питер Датон рече дека ќе го помине денот „размислувајќи“ и додаде дека денешниот ден не е ден за „големо политиканство“, јави телевизијата Еј-Би-Си.

Според новинската агенција ААП, двајцата лидери ги откажале закажаните настани од кампањата, но ќе продолжат со третата лидерска дебата што ќе се одржи вечерва.

Албанезе, кој е католик, го нарече папата Франциск „еден од најзначајните од сите свети отци“, пофалувајќи ја неговата понизност и фокусирање на социјалната правда. Знамињата на зградите на Комонвелтот денеска ќе бидат спуштени на половина копје во знак на почит, соопшти владата. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан