Австралиецот Арнолд на клупата на Ирак
- Поранешниот австралиски фудбалски селектор Греам Арнолд (61) седнува на клупата на репрезентацијата на Ирак пред клучните квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство 2026 година против Јужна Кореја и Јордан следниот месец.

Багдад, 9 мај 2025 (МИА) – Поранешниот австралиски фудбалски селектор Греам Арнолд (61) седнува на клупата на репрезентацијата на Ирак пред клучните квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство 2026 година против Јужна Кореја и Јордан следниот месец.
Ирачката фудбалска асоцијација потврди дека договорот е речиси финализиран.
„Деталите од договорот на Греам се речиси финализирани и ќе бидат официјално објавени по неговото пристигнување. Арнолд ќе донесе со себе технички тим од седум тренери, вклучувајќи и меѓународно признат асистент кој претходно работеше со клуб од англиската Премиер лига“, се наведува во соопштението.
Арнолд ја предводеше Австралија до осминафиналето на Светското првенство во 2022 година, но во септември минатата година го напушти кормилото по шест години.
Австралискиот стратег доаѓа на клупата на Ирак на местото на Шпанецот Хесус Касас, кој беше отпуштен во март по поразот од Палестина.
Ирак е третопласиран во азиската група Б со 12 бодови, четири помалку од лидерот Јужна Кореја. ег
ФОТО: Фејсбук