Авганистан почна акција за вакцинација против детска парализа за шест милиони деца
- Авганистан ја почна својата прва кампања за вакцинација против детска парализа во 2025 година, чија цел е заштита на околу шест милиони деца на возраст под пет години, соопшти денеска Министерството за здравство.
Исламабад, 27 јануари 2025 (МИА) – Авганистан ја почна својата прва кампања за вакцинација против детска парализа во 2025 година, чија цел е заштита на околу шест милиони деца на возраст под пет години, соопшти денеска Министерството за здравство.
Тридневната кампања ќе биде насочена кон 16 од 34 провинции во земјата, рече портпаролот на министерството Шарафат Заман.
Тој ги повика водачите на заедниците и верските лидери да ги поддржат напорите за заштита на децата од полио, болест која може да доведе до парализа, а во некои случаи и смрт.
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека репатријацијата на авганистанските мигранти од соседен Пакистан го зголемила ризикот од ширење на полио. Како одговор, Авганистан спроведе повеќекратни рунди за вакцинација.
И покрај овие напори, Авганистан регистрира 25 случаи на полио во 2024 година, што е многу повеќе од шест колку што беа регистрирани во 2023 година, објави СЗО.
Кампањите за вакцинација во Авганистан и Пакистан често се соочуваат со предизвици поради теориите на заговор дека вакцините против детска парализа предизвикуваат неплодност или дека здравствените работници се шпиони.
Пред повторно да ја преземат власта во август 2021 година, талибанците забранија вакцинација од врата до врата во областите што ги контролираа.
Сепак, Обединетите нации успешно преговараа со нив за продолжување на националната програма за вакцинација по нивното враќање на власт. јт/