• четврток, 04 декември 2025

 „Плетење со чигелаке“ – работилница на лица со телесен инвалидитет

 „Плетење со чигелаке“ – работилница на лица со телесен инвалидитет

Битола, 2 ноември 2025 (МИА) -  Здружението на лица со телесен инвалидитет од Битола, Демир Хисар и Ресен „Мобилност“ одржа работилница „Плетење со чингелаке“ на која експертите и членовите на здружението заклучија дека со плетење се развиваат вештини и се намалува стресот и негативни мисли.

Според професор д-р Сашо Кочанковски, психолог и гешталт терапевт, плетењето придонесува на различни аспекти од животот на лицата со телесен инвалидитет, отстранува аксиозност, а со работа во група овозможува меѓусебно охрабрување.

-Работилниците се корисни за лицата со физичка попреченост, а придобивките од плетење се големи. Нашите истражувања потврдија дека плетењето го подобрува крвниот притисок, се зголемува вештината на прстите и рацете, ја намалува хроничната болка, а од ментален аспект плетењето овозможува насочување на активностите и оттргнување на мислите од негативен амбиент. Плетењето го стимулира лачењето на серотонинот и допаминот кои овозможуваат радост, среќа и успех, го намалува стресот и отстранува анксиозност. Плетењето од социјален аспект, истакна Кочанковски, овозможува активност во група за поддршка каде учесниците работаат заедно, меѓусебно се охрабруваат, а со производите од плетење може да придонесат во заедницата, да донираат на лица на кои им се потребни шалови, блузи, чорапи, ракавици...

Иницијатори на креативната работилница беа Билјана Тодоровска и Симона Јовевска, членки на Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“-Битола.

-Креативната работилница „Плетење со чингелаке“ е составен дел на серијата работилници што ги организира „Мобилност“ на кои се изработуваат обетки, накит и други ракотворби. Ние можеме и заеднички да плетиме и затоа набавивме разбој за плетење и успеавме бидејќи нашите членки исплетија шал и други производи. Но, најважна ни беше волјата на членовите да пробаат нешто ново и што е најважно се дружевме. Плетењето како плетење не е сувопарно, напротив бегаат мислите, смирува или како што некој рекол -затоа што престанавте да плетите, затоа сте нервозни! Добро е да се плети бидејќи придонесува за смирување на целата психофизичка состојба, добро е за моториката на рацете, едноставно плетењето е јога за мозокот, нагласи Тодоровска.

Симона Јовевска посочи дека лицата со инвалидитет може на плетењето да гледаат како на свое хоби, можност за исполнување на слободното време но и можност за развивање на моторните вештини и подобрување на личната креативност.

На работилницата „Плетење со чингелаке“ учествуваа лица со телесен инвалидитет од Битола, Куманово, Штип, Кочани, Ресен и Демир Хисар. мт/ац/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан