• среда, 27 ноември 2024

Убиството на Вања има карактер на колективна траума, медиумите внимателно да известуваат, препорачуваат Серафимовска и Марковиќ

Убиството на Вања има карактер на колективна траума, медиумите внимателно да известуваат, препорачуваат Серафимовска и Марковиќ

Скопје, 5 декември 2023 (МИА) - Освен почитување на новинарските стандарди при известувањето за настанот што се однесуваше на киднапирање и убиство на дете, медиумите е неопходно да бидат свесни дека овој настан има карактер на колективна траума, која ја чувствуваат сите граѓани во оваа држава, велат професорките по комуникациски науки, д-р Елеонора Серафимовска и д-р Маријана Марковиќ, бидејќи како што нагласуваат во изготвените препораки до медиумите, убиено е дете каде во организација на настанот вклучен е родител.

Некои од осомничените биле дел од политички структури кои креирале политики во државата и со години наназад слободно ги искажуваат своите политички ставови и имаат голем број следбеници на социјалните мрежи, стои во препораките кои ги објави Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања-УКИМ Скопје.

-Голем дел од медиумите ги почитуваат правилата за известување во услови на киднапирање и убиство на дете. Сепак, за зачувување на менталното здравје на граѓаните, особено е важно медиумите да се држат исклучиво до проверените факти за тоа што се случувало, да не се шпекулира со ниту еден аспект за тоа зошто се случувало додека целосно не се расчистат сите аспекти од овој настан, да не употребуваат зборови што можат да предизвикаат или продлабочат определени негативни и непријатни емоции и состојби, се вели во препораките.

Се препорачува и настанот да не го поврзуваат со какви било политички димензии додека не се расчистат докрај мотивите на сторителите, но и да бидат особено сензитивни за категориите како што се дете, родителство, мајка, татко, семејство, другари, училиште.

-Да се воздржат од споделување на сопствените емоционални состојби во јавноста. Во моментот, потребно е да ја „издржат тежината на моментот", со цел да се спречи понатамошно продлабочување на колективната траума, која може да доведе до нарушување на менталното здравје на граѓаните, велат проф. д-р Елеонора Серафимовска и проф. д-р Маријана Марковиќ, во изготвените препораки кои ги објави Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања-УКИМ Скопје. ра/ац/

Фото: МИА архива/ИСППИ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан