• среда, 30 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Украинскиот министер за надворешни работи не му верува на Путин за прекин на огнот

Украинскиот министер за надворешни работи не му верува на Путин за прекин на огнот

Киев, 19 април 2025 (МИА) - Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, исто како и претседателот Володимир Зеленски претходно, изрази недоверба за 30-часовното велигденско примирје што го објави денеска рускиот претседател Владимир Путин, пренесува ДПА.

Тој на платформата Х потсети дека Украина се согласи со американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот за време на мировните преговори на почетокот на март во саудискиот град Џеда. Сибиха посочува дека Русија го отфрлила предлогот и наместо тоа поставила низа предуслови.

„30 часа наместо 30 дена“, вели Сибиха за понудата на Путин.

- Неусогласеноста меѓу изјавите и фактите на рускиот претседател Владимир Путин е добро позната. Знаеме дека на неговите зборови не може да им се верува и ќе гледаме на дела, а не на зборови. Русија може во секое време да се согласи со предлогот за целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот, кој е на маса од март, вели шефот на украинската дипломатија.

Сибиха ги повика украинските сојузници да бидат внимателни во врска со постапките на Москва.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска неочекувано објави 30-часовен едностран прекин на огнот на руските трупи на фронтот во Украина.

Во првата реакција за овој чекор на Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази скептицизам. Во објава на социјалните мрежи тој оцени дека станува збор за нова манипулација на Путин, но не откри дали примирјето е прифатливо за Киев.са/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан