UN Women со изложбата „Родова еднаквост денес за одржливо утре!“ го одбележува 8 Март
- По повод Меѓународниот ден на жената - 8 Март, канцеларијата на UN Women организира едукативна изложба под наслов „Родова еднаквост денес за одржливо утре“. Изложбата ќе биде поставена во „Ea

Скопје, 8 март 2022 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на жената - 8 Март, канцеларијата на UN Women организира едукативна изложба под наслов „Родова еднаквост денес за одржливо утре“. Изложбата ќе биде поставена во „East Gate Mall“ – Скопје и достапна е за сите посетители до 8 април 2022 година. Изложбата е во соработка со Делегацијата на Европската Унија и Europe House, илустрациите и графичкиот дизајн на Нита Хаџихамза-Гаши, адаптацијата на содржината за деца е на Калина Малеска, додека фотографиите се на Елена Стојановиќ. Изложбата е достапна на македонски, албански и англиски јазик.
Покрај изложбата во „East Gate Mall“ за одбележување на 8 Март оваа година, канцеларијата на UN Women спроведува кампања за важноста на родовата статистика, а исто така традиционално ја поддржува културната манифестација „Вечери на женски права“ која е под покровителство на Град Скопје, и се случува по 13 пат.
Од канцеларијата на UN Women информираат дека годинешната глобална тема за одбележување на 8 Март „Родова еднаквост денес за одржливо утре!“ упатува на предизвиците пред кои сме исправени за унапредување на родовата еднаквост во контекст на глобалните климатски промени во 21от век и одржливата животна средина. Целта на изложбата, како што посочуваат, е да се доближи темата до јавноста, како и да се претстават напорите на UN Women и локалните партнери за унапредување на состојбата со родовата еднаквост во земјата.
- Во таа насока, претставени се примери од иницијативи на жени на локално ниво преку кои тие активно се вклучуваат во процесите на одлучување и иницираат промени за доброто на заедницата и животната средина. Овие иницијативи се дел од резултатите од работата на партнерските организации Акција Здруженска, Националниот совет за родова рамноправност и АГОРА, поддржани во рамките на проектот на UN Women за родово-одговорно буџетирање, финансиран од Швајцарија (СДЦ) и Шведска, соопштија од UN Women.