Генералниот секретар на ОН побара од САД и од Иран да продолжат со мировни преговори
- Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, ги повика САД и Иран да ги обноват мировните разговори и да вложат сериозни напори за постигнување трајно решение за блискоисточнот конфликт.
Њујорк, 14 април 2026 (МИА) – Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги повика САД и Иран да ги обноват мировните разговори и да вложат сериозни напори за постигнување трајно решение за блискоисточнот конфликт.
„По недели уништување и страдање, јасно е дека нема воено решение за актуелниот конфликт“, напиша Гутереш на социјалната мрежа „Икс“ повикувајќи на продолжување на преговорите.
Тој нагласи дека актуелното двонеделно примирје мора целосно да се почитува и додаде дека сите прекршувања треба веднаш да престанат.
Гутереш истакна дека сите страни во конфликтот мора да ја почитуваат слободата на пловидба, вклучително и низ Ормуската Теснина, во согласност со меѓународното право.
Во меѓувреме, САД од вчера воведоа поморска блокада на Теснината, а претседателот Доналд Трамп предупреди на можност од воени интервенции против ирански бродови.
Од Централната команда на САД соопштија дека ќе биде ограничен транзитот на одредени бродови низ оваа стратешка поморска рута, при што мерките се однесуваат на пловила поврзани со ирански пристаништа во Персискиот и во Оманскиот Залив, а другиот поморски сообраќај не е засегнат.
Техеран таквите потези на Вашингтон ги оцени како „пиратство“.
Блокадата беше најавена по неуспехот на 21-часовните разговори меѓу САД и Иран, одржани во Пакистан.
Ормуската Теснина, која се наоѓа меѓу Иран и Оман, претставува една од најкритичните поморски рути за глобалната трговија со нафта.
По избувнувањето на конфликтот на 28 февруари, Техеран практично ја блокира Теснината, што доведе до прекин во поморскиот сообраќај и раст на цените на енергентите на светскиот пазар. аб/јт
фото/МИА архива