• вторник, 24 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
2 ноември 2020 Народни благослови Верски живот и празноверие Народот во Гевгелиската каза како и во околните места (Дојран, Ениџе-Вардар, Воден, Гуменџе, Струмица итн.) многу е побожен. Се што ќе го снајде – добро или зло тој верува дека од Госпут. Болест, смрт, војна, дожд, суша, вода, поплава, апсолутно се е поврзано за Госпут. – Ако некој се пожали кога е голема суша дека сета летнина ќе изгори, другиот му одговара: „Е уд Госпуд е. – Ајде море! Госпут знаје што праве. Тија са Госпудинови работи. Може така да трабуве, не знајме нија! Госпуд знаје!“ 1. Молитви. – Кога започнуваат некоја работа го споменуваат Бога па дури и кога ќе си замислат дека утрето треба ова или она да се направи или нешто да се преземе, пак велат: „ако саке Госпут“. Кога седнуваат да ручаат и да вечераат го споменуваат Бога. А исто така и по ручекот и вечерата се прекрстуваат и велат: „Госпуди, и на тија што имат и на тија што немат ’ного да дајиш!“ – Ако е работен ден крстејќи се вака зборуваат: „Госпуд да даде касмет и бирикет, што работме Госпут да пувеле ајарлија да биде!“ Ако е празник или благ ден кога вечераат или ручаат пак го споменуваат Бога со зборовите: „Ка е арно Госпуд нека даде. Да нас чуве уд лоши работи. Да на живеје и уд година ду воја ден. Сус радуст па да гу прачекме!“- Ако се тажни и жалосни, ако тие денови ги снашла некаква несреќа, тогаш за ручек или кога пијат ракија пак се молат и препорачуваат на Бога со зборовите: „И на воја работа Госпуд да даде на арно да биде!“- Ако тие денови некоја работа им е среќно завршена пак му се обраќаат на Бога и го молат и натаму така да ги чува и да ги моли: „Госпуд до века така да на милуве!“ Ако благословува некој друг тогаш тоја вака вели: „Госпуд ду века да ва милуве! И куту вас ка ва зарадува, така и сите братја да и зарадуве!“ – Ако некој го снајде некоја голема несреќа, како и смрт, и др. тогаш соседите го тешат и го советуваат многу да не тагува и да не се грижи и му зборуваат: „Госпут тебе нека та живеје!... Ка е Госпут, не е никуј. Он вадан лошо даве, ама утре два ката добро!“ Ако некој лош човек го снајде некоја несреќа, и западне во беда и зло, тогаш луѓето во тоа наоѓаат олеснување и велат: „Госпуд забаве, ама не забаруве.“ – „Који што праве, Госпуд му врнуве“. Кога некој се жени и на свадбата се споменува Бог, и го молат да се оженат и другите стасани за тој чин, па велат: „Госпуд да даде ваја чаша сите да и најде“. – Домаќинот благословува: „Куту нас ка на милува Госпут, и ни даде душа што ни сака, вредин е он и ки даде на сите братја.“ А гостите му одговараат: „Ка е арно така Госпуд нека даде!“ Другите му одговараат: „Не је тоја уф наша р’ка Госпуд знаје и дека требуве он даве.“ – Неженетите момчиња одговараат: „Која какараска Госпуд е а оставил биз пашка па и нас да на забраве.!“ Наутро кога стануваат се крстат и го споменуваат Бога и велат: „Госпуди Боже и Свита Трујцо, никој касмет да пувелиш, да ни уделиш, дечка да си ранум, виргија да си плашкјум, уф село да не са срамивум, душмајне да не сретум ни уф п’т ни дома... Госпуди и Сфити Ристосе и Свита Бугуројцо и Свита Варваро... здраве и памет на сите братја да дајте, и најнаназад и нас да не на забравите...!“- Некои пак откако ќе се измијат, ја симнуваат капата, се свртуваат кон исток и велат: „Госпуди Боже и Свита Бугуројцо, Свита три владици, Свити Андоне и Свити Димитре, ... куту на сите братја и на мене удилејте здраве и касмет... сите дома да бидат здрави и живи и как милувите така да биде...!“ Кога започнуваат некоја работа се крстат и велат: „Госпуди, пуможи!“ Кога почнуваат да сеат го молат Бога да ги поживи, да дочекаат род и нов плод и велат: „Госпуди и Свити Јуване дајте ни касмет и берикет и уд година сус здраве да дучекаме жетва и ниов леб.“ Кога ќе завршат некоја работа во полето се прекрстуваат и кога ќе појдат дома велат: „Нија уд тука, Госпуд тука!“ – т.е. досега ова беше наша работа и наша обврска, а отсега се е во Божји раце, па тој нека го чува и нека даде што сака. Кога излегуваат на пат три пати се прекрстуваат и вака се молат: „Госпуди Боже и Свити Димитрија, на душмајне бастрет да им фате (да ги спречиш во намерите), да не ма видат, да не ма чујат, крај њих ка ки поминум, каман и дрво да са чинат, живот да загубат, сус рат да поминум!“ Пред спиење пак се молат на Господа, се крстат и метанисуваат и во таа прилика ги повикуваат сите ангели на помош и ги молат да ги чуваат цела ноќ. Обично ги изговараат овие зборови.: „Свита Бугуројцо и Свита Нидељо, на помокј да ми бидиш, уд лоши работи да на чувиш! Свита Бугуројцо и Свита Варваро, на вас ви се мољум, уф ваши р’ци душ’та си давум, на вас тислим си ја чинувам...“ Покрај тоа што сами се молат на Бога кога се на работа, при патување, при несреќа, на веселба, на слава, кога ручаат или вечераат, спијат итн. тие се молат уште повеќе кога попот чита молитва на некој болен, кога свети вода, дигје панагију, пендаре итн. Кога луѓето му се молат на Бога обично се крстат како што треба. Меѓутоа кога жените се молат на Бога тие се наведнуваат и со рака ја допираат земјата. Тие обично не знаат убаво да накажуваат туку зборуваат едноставно: „Госпуди Боже, Свита Бугуројцо Свита Трујцо, Свита Нидељо, да ни си на помуш, да ни даиш здраве и касмет!“ Итн. Но и ако не знаат толку да зборуваат и да се молат тие сепак се побожни и со ставопочитување во вистинска смисла на зборот го споменуваат Бога, Света Богородица и другите светци. Тие два пати или три пати повеќе од мажите ја посетуваат црквата.- А има и по некоја жена, особено ако била на аџилак, која знае и говори повеќе од мажите во селото. Спроти петок и недела и секој друг празник жените го палат кандилото пред домашната икона, ја кадат куќата со темјан, месат литургија итн. додека мажите дури за Велигден или Божик ќе се сетат на тоа, ако тоа се остави на нив. Во секој случај, секоја недела или празник црквата во селото е обемно посетена. Селаните доаѓаат во црквата во недела и за поголемите празници: за Божик, Велигден, Голема Богородица, на Богојавление, на Велики четврток (навечер кога се читаат 12 евангелија). – Во црквата одат и мало и големо. Жените одат секоја недела, секој празник и на вечерна и на литургија – наутро. Многу се ретки луѓето кои барем четири пати преку годината не одат во црквата. Секој жив мора барем три пати преку годината да се причести: на Велигден, на Божик и на Голема Богородица. Има луѓе што се причестуваат и на Петровите пости. Само зетот и невестата од таа година не смеат да се причестат ниту еднаш во таа година. Тие се сметаат за грешни. Болните што подолго ќе се залежат се причестуваат пред смртта. Кога се причестуваат се исповедаат. И денес постот строго се држи и ретко може да се најде човек во селото кој би се омрсил без поголема неволја, но некогаш постот беше светиња над светињите. Тогаш беше греота за време на постот и да се споменуваат мрсни јадења, а камоли да се јадат. Додека денес се наоѓа по некој кој иако пости сепак вели: „Што има џанум, оти чувек ки мрсе! – да утепиш чувек, да уткрадиш, да накливетиш, да издадиш – реди тој - тоа е грев, и се, оти ки апнум месо или млеко па ки згрешум. Сакале попуве па а правиле воја работа! Да е уд Госпуд сите ки поста. – Тија што мрсат што им биве? – јадејне нема грех.“ – Но иако тој така зборува, сепак кога сте насамо и кога ќе го понудите да се омрси, тој нема да ве послуша туку пак ќе рече: „Е, што да се умрсум салде за вадан? Да имум ката ден да јадум, ајд’ да се умрсум, ами за един рачок...“ и пред да заврши ја завртува главата и кажува дека не сака. Според книгата „Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази“ од Стефан Тановиќ, Београд 1927 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан