• среда, 27 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
29 октомври 2020 Преданија за нашите села Потекло на името на селото Беловиште За потеклото на името на Беловиште не постојат никакви поопределени корени на неговото име, како што се преданија, легенди и сл. Меѓутоа со анализа на етимологијата на името, авторот на книгата за селата Беловиште и Вратница Душко Атанасовски, со релативна сигурност смета дека корените на името на селото - Белоиште и Белојште потекнуваат од едно карактеристично место над селото. Имено на 2-3 километри над селото на источната страна постои поголема месност под име Белиште, а се среќава и името Бел Камен. Во оваа месност карактеристично е тоа што целиот простор и земјата имаат бело-жолтеникава боја која доаѓа од тоа што земјата е составена од глина. Корените на името на селото произлегуваат од фактот што оваа месност – Белиште претставува битен и маркантен белег на соодветниот планински простор, што е видливо од рамнината под селото. Во одделни словенски јазици, вклучувајќи го и македонскиот е карактеристично што одредени имиња на населби произлегувале од одредени карактеристични и доминантни географски белези на соодветниот простор. Во тој контекст говори и фактот што има многу имиња на населби и месности во македонскиот говор кои завршуваат со додавката „иште“ со која се означува соодветна карактеристика на просторот (мочуриште, тресетиште, пепелиште, калиште и др.). Во случајот на селото Беловиште основа на името е придавката бел, бело, па заедно со додавката „иште“ е формирано името Белиште. Потоа со трансформациите во говорниот јазик, а во говорниот локален јазик – Белојште. Во прилог на ваквото мислење на авторот Д. Атанасовски за корените на името Беловиште говори и проф. Јован Трифуновски во својата студија „Полог“- Београд, 1976 година. Тој меѓу другите описи за селото Беловиште го вели и следното: „Веројатно Беловиште името го добило по бело-жолтата глина која се гледа на една падина над селото. Во тој контекст во делот за имињата на топонимите од северната страна на селото тој ја набележува и месноста „Бел Камен“ кое име е второ име за месноста Белоиште. Постои уште едно село во Полог, кај Гостивар под Сува Гора со истото име Беловиште. Меѓутоа ова село во Гостиварско, заклучно со третиот турски попис од 1568-69 година воопшто не се споменува. Од тоа произлегува дека селото Беловиште во Гостиварско е релативно понова населба. Корените на името и на ова село веројатно имаат слична основа како и името Беловиште- Тетовско. Од книгата „Беловиште и Вратница низ историјата 15-20 век“ од Душко Атанасовски, Тетово 2008 година. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан