• вторник, 24 декември 2024

Mакедонската еврообврзница издадена на 700 милиони евра со камата од 3,675 отсто

Mакедонската еврообврзница издадена на 700 милиони евра со камата од 3,675 отсто

Скопје, 27 мај 2020 (МИА) - Република Северна Македонија ја издаде седмата еврообврзница во износ од 700 милиони евра. Рочноста на еврообврзницата е шест години, додека каматната стапка по која е издадена изнесува 3.675%, што е втора најниска камата, веднаш по еврообврзницата издадена во 2018 година.

Ова, како што соопшти Министерството за финансии, ја покажува довербата на инвеститорите во македонската економија и политики, ако се земе предвид дека оваа обврзница се издава во време Ковид-19 кризата - најголемата економска криза по Големата депресија, кога сите економии, вклучително и светските економски сили, излегуваат на меѓународниот пазар на капитал за да обезбедат средства за финансирање на потребите за кризата.

- Исто така, интересот на странските инвеститори за македонската еврообврзница беше пет пати поголем од износот кој беше издаден. Ова е уште еден податок, покрај поволната каматна стапка, што укажува на доброто позиционирање кај странските инвеститори и нивната доверба во земјава. Ова се должи на макроекономската и финансиска стабилност, како и нашата посветеност и успехот постигнат последниве години во евроатланските интеграции, велат од МФ.

Со издавањето на еврообврзницата и заемот од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 176 милиони евра и заемите од Светска банка во износ од 140 милиони евра и од Европската унија од 160 милиони евра кои се преговараат и се извесни, се затвора финансиската конструкција за потребите годинава, односно дефицитот проектиран на 6,8% од БДП со ребаланс, обврските по основ на стари долгови од 705 милиони евра. Дополнително, се обезбедуваат и сигурносни средства за справување со евенутален повторен шок и зависно од развојот на настаните делумно финансисрање на потребите за следната годна.

Земјава на меѓународниот пазар на капитал има излезено седумпати досега, вклучувајќи ја и денешната издадена еврообврзница. Првата еврообврзница е издадена во 2005 година, потоа 2009, 2014, 2015, 2016, 2018 и сега во 2020 година. Најниска камата од 2,75% има еврообврзницата од 2018 година, додека највисока во 2009 година од 9,875%, но мора да се напомене дека тоа е во време на светска економска криза.са/

Остани поврзан