• вторник, 24 декември 2024

Рејтингот на Лула во Бразил опадна поради неговите коментари за конфликтот во Газа

Рејтингот на Лула во Бразил опадна поради неговите коментари за конфликтот во Газа

Бразилија, 7 март 2024 (МИА) - Рејтингот на бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва опадна по изјавите минатиот месец во кои тој ја спореди израелската војна против Газа со холокаустот предводен од нацистите за време на Втората светска војна, покажува новото истражување.

Според истражувањето Genial/Quest, рејтингот на шефот на државата падна на 51 отсто февруари, од 54 отсто во декември, на најниско ниво од април 2023 година. Негативно мислење за работата на Лула изразија 46 отсто од испитаниците, во споредба со 43 отсто во претходното издание на истражувањето.

Лула ја нарече израелската воена акција во палестинската енклава „геноцид“ и ја спореди со „одлуката на Хитлер да ги истреби Евреите“.

Израел ги отфрли неговите коментари како антисемитски напад, барајќи извинување, па дури и прогласувајќи го Лула за персона нон грата додека тој не ги повлече своите зборови.

Според бразилски извори, претседателот стои зад она што го кажал и нема да го негира.

Рејтингот на Лула меѓу евангелските христијани, кои сочинуваат речиси една третина од населението во Бразил, падна од 41 отсто на 35 отсто, а оние кои не го одобруваат неговото владеење меѓу оваа изборна група нагло се зголемија од 56 отсто на 62 отсто.

Анкетата беше спроведена помеѓу 25 и 27 февруари меѓу 2.000 гласачи со право на глас. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан