• сабота, 28 декември 2024

2022 Западен Балкан: Помеѓу Берлинскиот процес и Отворен Балкан

2022 Западен Балкан: Помеѓу Берлинскиот процес и Отворен Балкан
24 ноември 2022 (Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии – ИФИМЕС) Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (IFIMES) од Љубљана, Словенија, редовно ги анализира случувањата на Блискиот Исток, на Балканот и во светот. По повод претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, ИФИМЕС направи анализа на актуелната политичка состојба на Западен Балкан. Во продолжение се најважните и најинтересните делови од опсежната анализа насловена „Западен Балкан 2022: Помеѓу Берлинскиот процес и Отворен Балкан“. Самитот на Европската унија (ЕУ) и земјите од Западен Балкан ќе се одржи на 6 декември 2022 година во Тирана. Самитот се организира во рамките на стратешката соработка на ЕУ со Западен Балкан и ќе биде прв самит по руската инвазија на Украина. Имено, во Прага на 6 октомври 2022 година беше организиран првиот неформален самит на ЕУ 27 и состаноци во рамките на Европската политичка заедница. Европската политичка заедница ги обединува сите земји од европскиот континент кои споделуваат заеднички демократски вредности. На самитот присуствуваа 44 лидери од европските земји, освен Русија и Белорусија. Во регионот на Западен Балкан, во тек се повеќе од 30 иницијативи кои ги вклучуваат земјите од регионот. Стратешка определба на сите земји е членството во ЕУ и НАТО, а Србија инсистира на воена неутралност. Водечки регионални иницијативи се Берлинскиот процес и Отворен Балкан. Западен Балкан меѓу Берлинскиот процес и Отворен Балкан Европа повторно се фокусира на важноста на мирот, кој долго време беше засенет од други прашања и се земаше здраво за готово. Руската агресија врз Украина се третира како прва европска војна по Втората светска војна, бидејќи војните на Западен Балкан се сметаат за локални војни. Европската политичка заедница е обид да се зачува мирот и да се соберат шефови на држави кои ги негуваат истите демократски вредности. Судејќи според сè, таков собир не би бил успешен или масовен доколку немаше руска инвазија на Украина. Во исто време, регионот на Западен Балкан се соочува со последиците од руската инвазија врз Украина. Вистинските борби и украинскиот отпор во Киев и другите места во Украина се исто така борба за мир и стабилност на Западен Балкан, бидејќи имаше оперативни планови и ако Русија успее во агресијата и ја порази Украина, ситуацијата во регионот на Западен Балкан би била дестабилизирана. Пресвртот во Западен Балкан се случи во 2014 година, кога две европски земји, Германија и Обединетото Кралство, поведоа иницијатива која го промени пристапот во спроведувањето на процесот на интеграција. Врз основа на британско-германската иницијатива, беше усвоена Реформската агенда за Босна и Херцеговина во 2015 година. Политичките реформи, како што е спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во случајот Сејдиќ-Финци и други пресуди, беа одложени за некое друго идно време и сè уште не се имплементирани. Оваа иницијатива овозможи да стапи во сила Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Босна и Херцеговина. Берлинскиот процес е иницијатива која беше поведена во 2014 година, односно во времето на врвот на евроскептицизмот во ЕУ, кој беше поврзан со идното проширување на Унијата. Целта беше да се ревитализираат мултилатералните врски меѓу земјите од регионот на Западен Балкан и ЕУ, како и да се подобри регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан во областа на инфраструктурата и економскиот развој. Во почетокот на ноември годинава, лидерите на шесте земји од Западен Балкан се сретнаа на самит организиран во рамките на Берлинскиот процес и потпишаа договори за меѓусебно признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации. Тоа значи дека ќе се укине визниот режим меѓу Косово и Босна и Херцеговина, што претставува голем пробив во регионалните односи. Ратификацијата на трите договори ќе докаже дека Берлинскиот процес доби нов моментум. Отворен Балкан е автохтона регионална иницијатива, првично наречена „мини-Шенген“. Таа беше лансирана на средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ, и премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев, во октомври 2019 година во Нови Сад. Покрај наведените земји основачи, на некои самити учествуваат и Босна и Херцеговина и Црна Гора, но сè уште не станале полноправни членки на иницијативата. Иако Вашингтонскиот договор меѓу Србија и Косово од септември 2020 година предвидува и Косово да се приклучи на иницијативата, тоа сè уште не се случи. САД силно ја поддржуваат иницијативата Отворен Балкан. Отворен Балкан не е алтернатива за членството во ЕУ, но е начин земјите што побрзо да ги обноват довербата и подготовките за членство во ЕУ, како и за искористување на сите можности за синергија и соработка. Економијата е важен елемент на регионалната соработка. Отворен Балкан станува ембрион на нови економски кластери кои ќе се создаваат во регионот и ќе ја сочинуваат конкурентската предност на земјите и регионот. Неопходно е да се стави крај на штетната и запалива политичка реторика и директно да се соочиме со неодамнешната трагична историја на регионот. Земјите од Западен Балкан треба да воспостават посилна политичка, економска, научна, културна, спортска и секоја друга форма на соработка и заеднички да пристапат кон ЕУ, како група земји со јасно дефинирани цели, барања и интереси. Меѓународниот институт ИФИМЕС веќе во неколку наврати предупреди дека меѓународните налози за апсење и тајните списоци на осомничени воени злосторници не се прифатливи во рамките на иницијативата Отворен Балкан, дека на криминалците треба да им се суди таму каде што го извршиле злосторството и со договор на државите, што во конкретниов случај би било и подобро и поефикасно. Аналитичарите сметаат дека Берлинскиот процес и иницијативата Отворен Балкан не се неспојливи, бидејќи и двете се насочени кон членство во ЕУ. Берлинскиот процес е првенствено во функција на остварување на германските интереси во регионот, додека иницијативата Отворен Балкан е вистинска идеја на лидерите во регионот, кои треба да ја обноват нарушената доверба, да осмислат нови форми на идна соработка и да ги искористат расположливите ресурси, првенствено водени од нивните национални интереси. Нормализација на односите меѓу Србија и Косово – зачувување на мирот е императив Актуелните случувања на северот на Косово потсетуваат на настаните од деведесеттите години на минатиот век. Состојбата е најлоша во последните 10 години, што никому не му оди во корист. Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, потпомогнати од официјален Брисел, не успеаја да постигнат договор како да се надмине постојната ситуација. Како резултат на тоа, Стејт департментот ги повика сите страни да работат на праведен компромис и да направат отстапки со цел да се осигури дека децениите тешко стекнат мир во и онака кревкиот регион нема да биде загрозен. Стејт департментот, исто така, ѝ се придружи на ЕУ повикувајќи го Косово веднаш да ги прекине сите планирани мерки што ќе ги ескалираат тензиите, вклучително и наметнување казни за возилата. Српскиот претседател Вучиќ е подготвен да се согласи на компромисни решенија и во разговорите со косовските Срби апелира да се обидат да го зачуваат мирот, да направат сè што е во нивна моќ, во однос на нивното однесување и ставови, да не бидат страната што би била обвинета. Императив е да се зачува мирот. Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, изјави дека не е постигнат договор меѓу Белград и Приштина за регистарските таблички и дека европските посредници дале предлог до Вучиќ и Курти со кој би можеле да се избегне ризичната ситуација на северот на Косово, што го прифатил Вучиќ, но Курти не. Кристофер Хил, амбасадорот на САД во Србија, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ имал „конструктивен ангажман“ во обидот да се најде решение за проблемот со регистарските таблички на Косово. Во извештаите на институциите на ЕУ се нагласува дека Србија е моторот на нормализацијата на Западен Балкан, како и моторот на европската интеграција на земјите од Западен Балкан. Процесот на напредување на Србија кон членство во ЕУ е особено интензивиран во последните неколку години. Фактот што ЕУ го одложи отворањето на новите преговарачки поглавја (кластери) со Србија ги доведува во прашање намерите и плановите на ЕУ за нејзиното проширување. Преговорите во Брисел покажаа дека Србија не е ретрограден фактор, туку регионален мотор на европската интеграција на сите шест земји од Западен Балкан и епицентар на случувањата во регионот. Аналитичарите сметаат дека Србија има најсилни и најразвиени кадровски ресурси и логистичка инфраструктура со која за релативно краток временски период може да одговори на предизвиците и барањата на преговарачкиот процес и со тоа да го оправда атрибутот да биде мотор на европската интеграција во Западен Балкан. Истовременото потпишување на сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово всушност треба да значи и договор за членство на Србија и Косово во ЕУ. Тоа би бил вистинскиот пат кон нормализација на односите. Неодамна се појавија информации за постоење на т.н. француско-германски предлог, кој треба да го отвори патот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Предлогот се заснова на договорот од 1972 година меѓу двете Германии, кој треба сериозно да се разгледа и да се модифицира согласно постојните околности. Клучното прашање е дали ЕУ и НАТО сакаат да ја видат Србија во сојуз со Русија и Кина, кои ја воведуваат во нивните геополитички, воени и економски интереси надвор од ЕУ и НАТО, или ЕУ сака да и помогне на Србија да стане полноправна членка на Европската унија. Во овој случај, одлуката е на ЕУ, која треба да и помогне на Србија и да престане со постојаното условување на оваа балканска држава. Бројните потези на ЕУ ги охрабрија и зајакнаа антиевропските сили во Србија и одиграа во корист на ривалите на ЕУ. Оваа практика треба да прекине во корист на проевропските сили. Кандидатски статус за Босна и Херцеговина Во својот неодамнешен извештај за Босна и Херцеговина, Европската комисија оцени и препорача Советот на ЕУ на декемврискиот самит да и даде кандидатски статус за членство во ЕУ. Доколку ЕУ и додели кандидатски статус на Босна и Херцеговина, таа сепак ќе заостанува зад другите земји од Западен Балкан (Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија) во процесот на интеграција во однос на временските рокови. Охрабрувачка е изјавата на новоизбраниот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ на инаугурацијата. „Мојата визија за БиХ е европска БиХ и развој на заеднички идентитет. Да ја зајакнеме безбедноста на БиХ, бидејќи од прва рака знаеме дека мирот и економскиот развој ни се потребни на сите, а конфликтот никому. Политичарите во БиХ не смеат да бидат себични и да работат во свој интерес. Да работиме во интерес на сиромашните луѓе. Не смееме да сееме омраза за да бидеме популарни … Да ја зголемиме соработката со пријателските земји. Регионалната соработка со соседните земји е важна и за мирот, стабилноста, воспоставувањето трговски односи и културната соработка. Аналитичарите сметаат дека заради стабилноста и мирот на Западен Балкан, но и во Европа, во светло на украинската криза, од историско значење е да ѝ се даде кандидатски статус на Босна и Херцеговина, бидејќи на последниот самит на ЕУ таков статус им беше доделена на Украина и на Молдавија поради истата причина. Решението е – скорешно членство во ЕУ на сите земји од Западен Балкан Сè додека ЕУ во своето соседство има нестабилен и турбулентен регион на Западен Балкан, нема да може да се справи и да ги реши клучните прашања и предизвици или да ја воспостави својата долгорочна стратешка позиција во меѓународните односи и да одговори на предизвиците на регионалната глобализација. Членките на ЕУ мора да покажат визија во однос на процесот на проширување, бидејќи да немаше проширување на ЕУ во минатото, таа никогаш немаше да еволуира во таква респектабилна регионална интеграција. Бидејќи ЕУ има 27 членки, секогаш постои можност за различни условувања и блокади, иако земјите-членки треба да се воздржат од такви опции и да изнајдат институционални решенија за таквите прашања. Ова е особено важно во ситуација во која Русија, Кина, Турција и други земји се обидуваат да го зголемат своето влијание на Балканот. Неодлучноста на ЕУ може да има стратешки последици на Западен Балкан, бидејќи постојат реални закани дека поради неизвесноста на процесот на проширување на ЕУ и притисокот на домашната јавност некои земји би можеле да ја променат својата геополитичка ориентација. Потребно е да се финализира дијалогот меѓу официјален Белград и Приштина со потпишување на сеопфатен правно обврзувачки договор за нормализација на односите, како и земјите од регионот интензивно да работат на започнатата регионална соработка, а особено на иницијативата Отворен Балкан. Аналитичарите предупредуваат дека додека ЕУ поставува нови услови и критериуми за членство, има земји членки на Унијата кои не можеа целосно да ги исполнат условите за членство кои сега му се поставуваат на Западен Балкан. Во поновата историја, ЕУ „замижа“ во случајот со Бугарија и Романија, како и со Хрватска, кога им даде полноправно членство. Друго сведоштво за непринципиелноста на ЕУ е фактот што во 2004 година дури „девет и пол“ земји беа примени во ЕУ, бидејќи само половина Кипар стана членка. Честопати се повикуваат на примерите на француската провинција Корзика и италијанската провинција Сицилија, каде што законодавството на ЕУ воопшто не функционира во согласност со стандардите, регулативите и директивите на ЕУ. Околу 19 милиони жители на Западен Балкан дефинитивно нема и не можат да ја загрозат интеграцијата, и 450 милиони жители на ЕУ. Неопходно е да се дефинира дали ќе има проширување на ЕУ и кога, бидејќи проширувањето на ЕУ не може да се одложува на неодредено време. Неизвесноста на процесот на проширување на ЕУ всушност оди во корист на делот од јавноста во Западен Балкан што се противи на членството на нивните земји во ЕУ и е во корист на ривалите и противниците на ЕУ, додека регионалната соработка е патот до забрзано членство во ЕУ./ Фото: IFIMES

Остани поврзан