• понеделник, 23 декември 2024

Даштевски за МИА: Изборите ќе бидат потешки бидејќи се двојни, но ќе бидат успешно спроведени и демократски

Даштевски за МИА: Изборите ќе бидат потешки бидејќи се двојни, но ќе бидат успешно спроведени и демократски

Скопје, 18 јануари 2024 (МИА) - Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски во интервју за МИА вели дека претстојните претседателски (24 април) и парламентарни избори (8 мај) ќе бидат успешно спроведени и оти очекува тие да поминат во демократска атмосфера. ДИК, вели Даштевски, подолго време се подготвува за изборите, коишто според него ќе бидат потешки бидејќи се двојни, но смета дека членовите и службата на ДИК се искусни и оти, дури и да не се избере уште еден седми член на Комисијата, тие ќе бидат успешни.   

ДИК, покрај другото, потенцира Даштевски, постојано работи на ажурирање на Избирачкиот список и уште еднаш ги повикува граѓаните да ги проверат своите податоци или податоците на своите блиски и да ги пријават промените. Тоа тие можат да го направат преку веб - страната на ДИК (www.sec.mk) или во подрачните одделенија на Комисијата. 

Во продолжение ви пренесуваме делови од одговорите на Даштевски во интервјуто за МИА. 

Државна изборна комисија, вели нејзиниот претседател, речиси пред една година ги започна подготовките за претседателските и парламентарните избори. 

- Ние ги започнавме уште пред неколку месеци, да не кажам скоро пред една година, затоа што некои рамковни набавки се потешки и потребно е да се јават повеќе компании односно акционерски друштва, така што работиме на тоа и при крај сме со тоа. Ние мораме тоа да го правиме бидејќи за нас изборите не се денот на изборите, почнуваат многу порано со подготовки, вели Даштевски. 

Тоа што недостига еден член на Комисијата, според него, не влијае на подготовките за изборите, но, како што рече, „ќе беше убаво да избере член и тој да навлезеше во работата на Комисијата“. Овој состав на ДИК, посочува Даштевски, е многу искусен и подготвен и може да ги организира и да ги спроведе изборите. 

- Помина една година. Можеби кога почнаа подготовките за избор ќе беше убаво да се избереше еден член и да навлезе тој во работата. Доколку не се избере, морам да кажам, дека ние успешно ќе ја завршиме работата исто како да сме седум члена. Подобро би било да сме седум члена, да има (уште) една екипа при делење на материјали доверливи или недоверливи отколку да сме шест члена. Исто така  може да има некакви интеграции во извештаите дека ете не се успеало да се избере уште еден член. Овој тим сега што е на ДИК јас го сметам за најквалитетен тим од формирање на Државната изборна комисија. Мислам дека упешно ќе ги спроведе изборите и без еден член, рече Даштевски.   

Посочува, меѓу другото, дека доколку не се избере член, партиите можат да предложат повеќе набљудувачи во избирачките одбори за да бидат сигурни дека процесот ќе се одвива регуларно. 

За тоа колку ќе се разликуваат овие избори од сите претходни имајќи предвид дека ќе се одржуваат претседателски избори и парламентарни избори во смисла на роковите, Даштевски вели дека ќе биде потешко и одредени дејствија ќе се дуплираат меѓутоа, според него, сепак ќе биде подобро отколку да имаше три круга.  

- Наместо три круга ќе имаме два круга. Во тие два круга ако се гласа во дијаспората ќе се оди два пати, а не три пати. Материјалот кога ќе се носи, ќе се носи и за едните и за другите. Сега тоа е малку покомлициран процес да не се измешаат ама имајќи го во предвид нашето искуство, и службата е прилично искусна иако мала, нели, јас секогаш апелирам да се зголеми, тие што се тука се искусни, а и помошните тела што ги земаме се прилично искусни. Ги земаме најквалитетните луѓе во државата, пред се, од Собранието и од други органи од државата. Сметам дека успешно ќе успееме да ги спроведеме иако се двојни избори, рече Даштевски. 

Претседателот на ДИК вели дека дента кога ДИК ќе добие известување од Собранието дека се распишани изборите, ќе биде усвоен роковникот за изборите. Не може се уште да каже кога ќе почне кампањата за претседателските и парламентарните избори и колку дена ќе се преклопуваат тие, затоа што тоа зависи во кој ден ќе бидат распишани изборите. 

Даштевски посочува дека изборната кампања ќе почне по завршувањето на проверката на податоците во Избирачкиот список, но граѓаните можат и сега да го направат тоа. 

-Еве апел и до граѓаните да ги пријавуваат промените што ги имаат. Да речеме доколку имаат некое починато лице, а не е пријавено да го пријават тоа да го избришеме. Ние имаме веб - сајт и таму секој може да се провери. Правевме нов веб - сајт и сите истакнаа дека е квалитетен, така што лесно се проверува дали сте во Избирачки список или не сте или ако сакате за друго лице од семејство - можеби се отселил, можеби станал полнолетен, има повеќе причини, или губење на деловна способност, вели Даштевски. 

Zgjedhjet e dyfishta presidenciale dhe parlamentare do të na kushtojnë rreth 12 milionë euro me tendencë që kjo shumë të rritet së paku në 15 milionë euro, sepse mund të paraqiten disa gjëra

За тоа колку лица ќе бидат ангажирани во Општинските изборни комисии (ОИК) и во Избирачките одбори (ИО) и колку веќе побарале изземање по различни основи, претседателот на ДИК вели дека во однос на изземањата од ОИК тоа е веќе завршено во декември минатата година. Потсетува дека на минатите избори се избрани нови состави на ОИК и на ИО и сега ќе се изземаат само оние што заминале во пензија, во странство и што имаат здравствени проблеми.

- Само тие ќе ги смениме. Тоа веќе пред Нова Година го завршивме, зборувавме нели за подготовки. На последната седница пред Нова Година и тоа го завршивме. Изземавме околку шеесетина членови на ОИК и сега крајот на месецот имаме седница да избереме нови. Потоа следуваат дејствија на општинските изборни комисии. Обично тоа го реализираме кај нас со ИТ телата да изберат членови на избирачките одбор. Тоа ќе биде уште потешка операција и повеќе ќе се менуваат отколку во ОИК, вели Даштевски. 

Во однос на гласањето на дијаспората, претседателот на ДИК вели дека во иднина како држава треба да размислуваме како да најдеме поедноставен и поевтин начин за гласање на нашите државјани во странство. 

-Имате вие избирачки одбор кој ве чини скапо и мора да остане две недели ако се два круга и сето тоа треба да го плати државата а таму нема многу граѓани, дали ќе се пријават десет души, а десет души е одборот. Така што, треба да се смисли да се гласа на друг начин после овие избори, рече Даштевски. 

За 4000-5000 гласови, додава тој, треба да направиме трошок од околу милион.  

На прашањето како ќе се реши гласањето на евентуален втор круг претседателски избори што би се поклопило со парламентарните избори на 8 мај, имајќи предвид дека идентификацијата на гласачите се прави со биометриски апарати односно со отпечаток од прст за што веќе Даштевски и членовите на ДИК имаа средба со германската компанија, тој вели дека решение има, но дека ќе биде соопштено дополнително.   

-Најдено е решение. Вчера ги завршивме преговорите. Ние ги кажавме нашите барања и сега треба тие да почнат да работат на решението така што не можам да кажувам детали. На крај не се знае како ќе испадне конечно. Мислам доволно е ова, да не бидат граѓаните во грч. Најдено е решение, ќе биде добро решение. Тоа е апликација всушност која што ќе се појавува, едни избори, други избори..., појасни Даштевски.

Во врска со барањето на потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху, за носење на упатство за составите на ОИК да се земе предвид вкупното население од пописот од 2021 година и најавата дека ќе поднесе тужба до Управниот суд, Даштевски вели дека на 25 јануари се повикани на расправа во судот и дека тој ќе ја претставува Комисијата.  

-Ние постапивме сите како што мислевме дека треба да постапиме и не се донесе тоа упатство. Според тоа, таа бараше врз основа на членот 34г гласање со консензус и на тоа гласаење повторно иста беше одлуката немаше консензус така што можност понатаму во членот е управна тужба. Бидејќи се кратки роковите, нели изборите се ближат треба да се одлучува брзо. Таа веќе поднесе и имаме покана на 25 овој месец да присуствуваме на расправата пред Управниот суд. Нормално јас ќе одам бидејќи, нашите, правната служба не ни била тука, за да го објаснам тоа. Ние постапивме согласно законот. Значи методологијата за избор на членови на ОИК и ИО била иста и по последниот попис и препорака на Заводот за статистика е да остане иста. Сега после овој попис 2021, односно резидентно население, а не луѓе значи кои не се резиденти. Според тоа да се бираат, а ние останавме на тоа решение, а она бараше според пописот да се сметаат и тие што не живеат во Република Македонија, така што сметам дека... не би сакал да прејудицирам што ќе одлучи Управниот суд. А друга работа е што консензусот според законот се бара пред да се гласа, а таа го побара после гласањето, рече Даштевски.

Претседателот на ДИК посочи дека двојните претседателски и парламентарни избори ќе не чинат околу 12 милиони евра со тендеција оваа сума да се зголеми најмалку до 15 милиони евра, бидејќи може да се појават некои непредвидени работи. Со оглед дека се двојни избори не се многу средства, имајќи предвид и дека се гласа и во странство и треба повеќе ангажман. 

-Ние кога се договаравме со министерот определивме една сума, меѓутоа после кога отиде буџетот во Собрание, многу се скрати. Не можам прецизно да ви кажам. Се надевам дека за некои дејствија ако биде потребно ќе се надополни Буџетот. Јас реков околу милијарда денари, сега е 600 и нешто милиони, многу е намалено, меѓутоа најверојатно таа бројка ќе се зголеми. Сега тука многу е битно дали е сметана платената политичка кампања за медиумите и за политичките партии или не. Ако ја сметаме тогаш тоа ја зголемува бидејќи се работи за поголема сума, меѓутоа ние никогаш не ги земаме во предвид тие бидејќи ние сме како сервис, како дистрибутери на таа операција... Тука и дијаспората многу влече, може да повлече повеќе средства отколку сите избирачки одбори во Република Македонија, вели Даштевски.  

За тоа каква соработка очекува ДИК да има со техничката влада, тој вели дека очекуваат да имаат добра соработка. 

-Ние сме ги направиле така изборите да немаме многу потреба од интервенции на Владата, вели Даштевски. 

Од актуелната Влада, вели дека очекуваат во понеделник да донесе одлука терасата на катот на ДИК да им се додели да биде во нивна сопственост, за да ја покријат, да ја заградат и да може да ја користат.   

На прашањето колку гласачи се запишани во Избирачкиот список и дали бројот е ист или приближен како на минатите избори кога имаше околу 1 800 000, Даштевски рече дека сега се малку помалку од таа бројка, но дека тоа точно ќе знае откако Избирачкиот список ќе се ажурира пред изборите.

-Малку помалку од ова. И понатаму се ажурира. Ние сме задолжени за водење на Избирачкиот список и многу луѓе се прашуваат што се работи во меѓувреме. Во меѓувреме цело време се ажурира Избирачкиот список, за тоа служат и подрачните оделенија, таму да ажурираат, за тоа служи Секторот за избирачки список и информациите од МВР ги добиваме на три месеци исто така и од судовите затоа што кој изгубил деловна способност, кој починал и т.н. Од МВР (се добиваат податоци) и кој од лицата станале полнолетни. Имавме ние јавен повик до сите граѓан, се уште стои на веб - страната сите промени што ги имаат да ги пријават и да се проверат дали се на списокот или не се, за да се олесни работата за ажурирање на Избирачкиот список, вели Даштевски. 

За тоа дали може да гарантира дека нема да има проблеми со Избирачкиот список вели дека тоа е многу тежок збор да се гарантира. - Но знаете дека минатиот пат немаше никакви приговори во таа смисла. Сега има уште едно избирачко право за приговор на денот на изборите. Главно тоа се технички проблеми. Деведесет отсто од луѓето добија право да гласаат, вели Даштевски. 

На прашањето дали очекува „жестока и валкана“ изборна кампања, вели дека и тој очекувал, но дека многу работи се смириле, освен изборот на седмиот член на ДИК, и оти гледа дека „се спремаме за демократски избори“ што е и услов за скринингот со Европската унија и добивање датум за преговори. 

-Сметам дека се смируваат...Се договорија за датумот на изборите, за првиот, за вториот круг. Вчера имаше изјава на премиерот дека нема потреба од лична средба бидејќи се во перманетна конекција што е по мене понормално бидејќи секој ден се појавуваат прашања кои мора да се решат итно. Што е добро. Некако како да се смирија страстите, така што сметам дека до избори ќе се смири се, рече Даштевски. Смета дека изборите ќе поминат во демократска атмосфера.  

Елизабета Велјановска Најдеска

Фото: Дарко Попов

Видео и монтажа: Аслан Вишко

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан