• понеделник, 18 ноември 2024

„Џерусалим Пост“: Ердоган вети „ослободување“ на ал-Акса после Аја Софија

„Џерусалим Пост“: Ердоган вети „ослободување“ на ал-Акса после Аја Софија
Анкара, 13 јули 2020 (МИА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети дека ќе ја „ослободи џамијата Ал-Акса“ од Израел, откако во петокот ја „воскресна“ Аја Софија како џамија. Одлуката за промена на статусот на античката црква Аја Софија, која во 1453 година беше претворена во џамија, а потоа и во музеј, беше донесена контроверзно минатата недела, пишува „Џерусалим Пост“. - Воскреснувањето на Аја Софија го најавува ослободувањето на џамијата Ал-Акса, се наведува на веб-страницата на турското претседателство. „Воскресението на Аја Софија е повторно запален оган на надеж за муслиманите и сите угнетени, соборени и експлоатирани, пренесува весникот. Говорот, кој бил на турски јазик, бил преведен малку поинаку на арапски и англиски јазик, како начин да се скрие дел од ставовите на Анкара за тоа како ја поврзува Аја Софија со поширокиот план, оценува „Џерусалим Пост“. На арапски, се наведува дека претворањето на Аја Софија во џамија е дел од „враќањето на слободата на ал-Акса“, што всушност значи дека Израел треба да биде исфрлен од контрола врз стариот град Ерусалим каде што се наоѓа ал-Акса, како што е наведено во текстот, објаснува весникот. Турскиот претседател ја поврза одлуката за заживување на исламот од Букара во Узбекистан со Андалузија во Шпанија. Оваа терминологија, која ја поврзува ал-Акса во Ерусалим со Аја Софија и Шпанија, е еден вид кодирана терминологија за поширока верска агенда, толкува „Џерусалим Пост“. Во турскиот превод изгледа дека не е наведена истата референца за Шпанија, како во арапскиот. Турскиот претседател долго време се залагаше за палестинската кауза и беше екстремен критичар на Израел, меѓу другото кога ја напушти бината во Давос за време на разговорите со поранешниот израелски претседател Шимон Перес во 2009 година. Турција тогаш испрати флотила во Газа за да се обиде да ја прекрши израелската блокада на Газа, што доведе до смрт на 10 турски државјани кога израелските сили извршија напад врз бродот Мави Мармара, потсетува весникот. Поврзувањето на големата промена во Аја Софија со Ерусалим покажува дека амбициите на Анкара се многу поголеми од само воспоставување исламски молитви во историската џамија и црква во Истанбул; тоа е дел од пошироката исламска агенда за регионот, пишува израелскиот весник. Во текстот се наведува дека турската владејачка партија АК е поврзана со Муслиманското братство, а Турција е близок сојузник на Хамас во Газа. Хамас исто така е поврзан со Муслиманското братство. Оваа стратегијата на Турција се движи кон поголемо влијание ширум регионот со групи истомисленици и земји, како што се Катар и Владата на Националниот договор во Либија. Турција се обидува да ги замени Саудиска Арабија и другите земји од регионот, како Египет и Јордан, како главен арбитер на она што е „исламиско“, пишува „Џерусалим Пост“. Тоа значи, како што се наведува, дека раководството во Анкара смета дека неговите промени во Аја Софија се само еден чекор кон поголем верски милитаристички план на Блискиот исток. Весникот потсетува дека Турција нападна дел од источна Сирија во октомври 2019 година, по депопулацијата на курдскиот регион Африн во Сирија во јануари 2018 година. Турција тогаш регрутираше сириски бегалци да се борат во граѓанската војна во Либија, како дел од енергетскиот и воениот договор со Триполи, истакнува весникот. Турција во јуни почна воздушни напади во Ирак против курдските групи, тврдејќи дека се бори против „тероризам.“ Еден ден, Турција би можела дури да го насочи своето внимание кон Ерусалим. Говорот за Аја Софија јасно стави до знаење дека тоа е на дневен ред иднина, заклучува „Џерусалим Пост“. јт/

Остани поврзан